Светската музичка сцена остана без уште едно големо име. На 73-годишна возраст од рак завчера почина Флоријан Шнајдер, пионерот на електронската музика и еден од основачите на „Крафтверк“, соопшти американскиот магазин „Билборд“. Во 1970 година, Шнајдер заедно со Ралф Хутер ја основа легендарната музичка група „Крафтверк“, која ја измисли роботската естетика и успешно ја вклопи во својата музика и концертни настапи.

Групата изврши влијание на многу музичари во целиот свет, припадници на различни жанрови, вклучувајќи хип-хоп, синт-поп и рок, преку своето експериментирање и технички иновации.
И легендарниот музичар Дејвид Боуви го призна Шнајдеровото влијание на неговата уметност. На неговиот албум „Heroes“ од 1977 година, тој по него наслови една инструментална нумера, која ја нарече „V-2 Schneider“.

Шнајдер, кој свирел синтисајзер, флејта, саксофон и други инструменти, а бил и придружен вокал, го напушти бендот во 2008 година, по цели 40 децении творештво.
Групата „Крафтверк“ одржа концерт и во Скопје на 16 јуни 2005 година, во првата хала на Скопскиот саем што, за жал, веќе го нема. За присутните ова уникатно доживување беше двочасовна музичко-визуелна авантура.