Косата кај жените побелува подоцна отколку кај мажите, а Европејците може да се соочат со првите бели влакна скоро 20 години порано од имигрантите од Африка и од Азија. Сепак, на возраст меѓу 45 и 65 години, седата коса е забележлива скоро кај сите луѓе

Научниците открија дека од седата коса можеме да се ослободиме по природен пат. Поединечни случаи на таквата трансформација се познати и од претходно. Но судејќи според најновите истражувања, скоро секој човек чија коса многу рано побелела може да го постигне тоа. Сега експертите се обидуваат да го разберат механизмот на овој процес.

Косата кај луѓето обично почнува да белее по 35-годишна возраст, но многу зависи и од генетските предиспозиции и полот. Така, косата кај жените побелува подоцна отколку кај мажите, а Европејците може да се соочат со првите бели влакна скоро 20 години порано од имигрантите од Африка и од Азија. Сепак, на возраст меѓу 45 и 65 години, седата коса е забележлива скоро кај сите луѓе. Според истражувачите, кај 74 отсто од луѓето до таа возраст, седата коса зафаќа скоро третина од главата.

Најчестото објаснување е стареењето

Најчестото објаснување е стареењето. Се смета дека со возраста, косата ја губи бојата поради осиромашување на фоликулите на влакната, поточно смртта на меланоцитите што се наоѓаат во нив. Односно тоа се клетки што произведуваат две форми на пигментот меланин: еумеланин и феомеланин. Од нив зависи дали некое лице ќе има руса, кафеава, црна или црвена коса.

Понекогаш седата коса е поврзана и со здравствена состојба или со некој преживеан стрес. Така, докажано е дека недостигот од витамин Б12, витилигото (нарушување на пигментацијата на одредени делови на кожата) и заболувањето на тироидната жлезда придонесуваат за создавање седа коса. Покрај тоа, и вродените имунолошки нарушувања можат да го забрзаат процесот.

Уште во осумдесеттите години на минатиот век, биолозите објаснија дека ако глувците во матката се заразат со вирус на глувчешка леукемија, тие веднаш по раѓањето многу брзо ќе побелат. Тоа, всушност, значи дека проблемите со пигментацијата се поврзани со вродениот имунитет, но не беше јасно како.

Дури во 2018 година, американски истражувачи откриле дека еден од протеините, МИТФ, кој го регулира производството на меланин во меланоцитите, е исто така поврзан со гените што го контролираат вродениот имунолошки систем. Во експериментите врз глувци, во чии меланоцити не е присутен овој протеин, бил синтетизиран премногу интерферон. Овие супстанции предизвикуваат реакција на имунитетот кога вирусот влегува во ќелијата. Нивниот вишок сметал на производството на самите меланоцити, поради што се појавиле бели влакна кај глувците.

Стресот како причина за побелување на косата

И покрај скептицизмот на некои експерти, научниците опишале неколку случаи кога косата буквално станува бела прекуноќ. Според истражувачите од универзитетот „Харвард“, стресот најверојатно придонесува за губење на матични, унипотентни меланоцитни клетки, кои се наоѓаат во фоликулите на косата. Како резултат на тоа, производството на пигменти запира и косата ја губи бојата. Биолозите инјектирале токсин во црни лабораториски глувци, кој кај нив предизвикал тежок физиолошки стрес. По инјекциите, нивото на кортикостерон кај глодачите се зголемило за трипати, а норадреналинот за десет пати. Овие два хормона интензивно се произведуваат во стресна ситуација. Во исто време, глувците што го примиле токсинот заедно со аналгетиците имале исто количество кортикостерон и норадреналин како и другите животни во лабораторијата, на кои не им бил инјектиран токсинот.

По инјекциите, глодачите биле избричени за да им се забрза растот на косата. По неколку недели им израснале нови влакна, но скоро 30 проценти биле бели. Понатамошните експерименти покажале дека под стресни услови, унипотентните меланоцитни клетки исчезнале од фоликулите, што предизвикало брзо белеење. Во улога на посредник бил норадреналинот.

Авторите на истражувањето претпоставуваат дека при стресна ситуација, во телото се ослободува норадреналинот, кој ги присилува матичните клетки што мораат да се претворат во меланоцити, да се поделат и да мигрираат. Обично овие клетки ретко се размножуваат, но кога процесот се забрзува, нивните ресурси брзо се исцрпуваат. Покрај тоа, матичните клетки може целосно да го напуштат фоликулот или можеби нема да можат да го компензираат снабдувањето со меланоцити. Очигледно, ова доведува до губење на пигментацијата и појава на седа коса.

Меѓутоа, научниците од универзитетот „Колумбија“ во САД се сигурни дека таквиот вид седа коса предизвикана од преголем стрес е реверзибилна, односно дека може да се врати природната боја на коса. Тие проучувале 397 поединечни влакна, кои биле земени од 14 здрави волонтери од различна возраст и потекло. Некои примероци биле целосно бели, а други само делумно.

Истражувачите се фокусирале на просечната стапка на раст на косата (околу еден сантиметар месечно), ја споредиле бојата на одделните делови со одредени периоди од животот на нивните сопственици и настаните што им се случиле.
Се покажало дека на релативно млада возраст, седата коса често се појавува како резултат на стрес. И штом ситуацијата се врати во нормала, косата ја добива својата првобитна боја. Тоа се случило кај триесет и петгодишен Европеец чија коса ја проучувале.

Покрај тоа, експертите откриле слична врска при анализирање на двобојната коса на 30-годишна жена со азиско потекло. Формирањето на белото подрачје од два сантиметри се совпаднало со времето на раздор во нејзиното семејство, развод и присилна преселба. По враќањето на животот во нормала, бојата на косата се вратила целосно.

Вкупно биле пребројани повеќе од десет случаи на вакво реверзибилно белеење кај лица на возраст од 9 до 39 години. Во просек за обновувањето било потребно истото време како и при губењето на бојата: околу три месеци. И не само на главата туку и на остатокот од телото.

Според авторите на трудот, ова овозможува претпоставка дека можеби и другите механизми на стареење кај луѓето може да бидат делумно реверзибилни. Но за да се дознае тоа, прво е неопходно да се разбере како и зошто на косата ѝ се враќа првобитната боја.