Во северниот дел на полуостровот Камчатка, во Русија, деновиве дојде до масовно угинување на ирваси. Причина може да биде тоа што животните ги напуштиле стадата и заталкале, поради што не можеле да се прехранат, соопшти регионалната влада.
Претходно, на социјалните мрежи се појави снимка од мртвите животни, а нејзиниот автор наведе дека имало околу 300 трупа на мртви ирваси, што е вистинска катастрофа.
Во тундрата во регионот Тигил, со хеликоптери деновиве ќе слета тим од стручњаци, кој треба да ги открие причините за инцидентот, а проверка на фактите веќе почна и регионалното обвинителство.
На Камчатка егзистираат девет претпријатија за одгледување ирваси, а на крајот на минатата година имало повеќе од 43.000 единки.