Одржливата мода не само што ги спречува текстилната и модната индустријата да влијаат негативно на животната средина туку создава и нови зелени работни места и помага да се промени разговорот за животната средина, вели британската амбасадорка Рејчел Галовеј

Во тоалета изработена од сатен, преработен од некое старо парче облека, со везови на суви лисја, во изработка на модната дизајнерка Магдалена Димковска ќе биде облечена британската амбасадорка Рејчел Галовеј на роденденот на кралицата Елизабета Втора. Дизајнот е избран на конкурс организиран од страна на Британската амбасада во Скопје, каде што учествуваа студенти од факултетите за дизајн од цела Македонија.
Мојата креација ќе биде изработена од сатен преработен од старо парче облека, со тоа ќе му се даде втора употреба на самиот материјал. Инспирација најдов во „сувите листови“, во кои има останато малку живот, како симболизам. Сувите листови ги искористив како мотиви што ќе бидат исцртани низ делови од дизајнот, над нив ќе користам техника на везење. Настаните како овој придонесуваат за развивање на свеста кај младите дизајнери, чест ми е што имав можност да ги искажам моите ставови кон една толку важна тема – вели младата Магдалена Димковска.
Според амбасадорката Рејчел Галовеј, одржливоста е важна за модата, не само што спречува текстилната и модната индустријата да влијаат негативно на животната средина, туку создава и нови „зелени“ работни места и помага да се промени разговорот околу животната средина.

– Оваа година во ноември, Обединетото Кралство ќе биде домаќин на Конференцијата на ООН за климатски промени во Глазгов, најголемиот меѓународен самит што Кралството некогаш го организирала, со над 30.000 делегати, кои ќе се договорат за координирана акција за справување со климатските промени. Треба да се договориме за вистински промени. Младите и креативните индустрии се клучни фактори за менување на ставовите, така што сѐ повеќе луѓе се обидуваат да имаат одржлив начин на живот, да ја зачуваат природата, ја поддржуваат обновливата енергија и присвојуваат еколошки практики. Сакавме да го поддржиме ентузијазмот што веќе го гледаме кај младите во Северна Македонија. Затоа бевме возбудени за започнувањето на конкурсот за одржлива мода за создавање одржлива и еколошка облека за мене како амбасадорка и за нашиот заменик-амбасадор што ќе ја носиме оваа година на прославата на роденденот на кралицата Елизабета Втора – истакнува Рејчел.
Како што вели таа, модната индустрија се соочува со голем притисок да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и отпадот, особено од новата генерација потрошувачи, кои бараат поголема еколошка одговорност.
– Студентите ги прикажаа сите нивни одлични дизајни, употребувајќи еколошки материјали, како што се органски и природни влакна, рециклирани материјали и полусинтетички влакна со ниска консумација на вода, како што е ленот. Тие исто така предложија идеи користејќи традиционални вештини, како што се везењето и тантелата, кои ги носеле нивните баби. Многу бев пријатно изненадена од тоа колку беа креативни, истражувајќи за материјалите и процесот на производство, земајќи ги предвид клучните принципи на циркуларната мода, за да не остават негативно влијание врз животната средина – потенцира Рејчел.
Победничките дизајни се избрани од амбасадорката, заменик-амбасадорот Доминик Отвеј и членовите на панелот.
– Одбравме осум дизајни на кои сега работат студентите од сите универзитети за моден дизајн за нашата одржлива модна ревија, која ќе ја организираме за одбележување на нашиот национален ден – роденденот на кралицата Елизабета Втора во јуни. Дизајните на Магдалена и Ева беа инспиративни, а материјалите што ќе ги користат се одржливи и во согласност со сите наши барања.

На некои материјали што најчесто се користат во модната индустрија, како што се синтетичките влакна, полиестерот, им требаат до 200 години за да се распаднат. Глобалната модна индустрија исто така генерира многу стакленички гасови како резултат на потрошената енергија за време на нејзиното производство, изработка и транспорт на милиони купени облеки годишно. Модата отсекогаш била важен дел од тоа како луѓето се дефинираат себеси и може да биде моќно средство за влијание. Се надевам дека сите студенти по моден дизајн ќе продолжат да работат на одржлив начин во модната индустрија во земјата – истакнува амбасадорката.
Креацијата на Ева Таневска, пак, за заменик-амбасадорот Доминик Отвеј е базирана на движење, приспособување, комфор и слобода. Целата инспирација потекнува од природата – вода, цвеќиња, кремави и неутрални бои.
– Сите овие работи се прелеваат низ природните убавини што ги имаме околу нас, што ни дозволуваат да уживаме во нив, да ги користиме. Дизајнот е софистициран и елегантен, со смирен, но цврст мажествен изглед. Материјалите се лесни, природни, светли и меки. Сите материјали се од втора рака, суштината на овој дизајн е да се заштитат природата и околината и нешто старо да стане ново и носливо. Панталони и сако од лен, кои ги претставуваат нежноста и уникатноста, и елек, чиј преден дел ќе биде изработен од гоблени за да претстави кои сме и од каде потекнуваме, додека, пак, задниот дел од елекот ќе има темноцрвена боја, што значи моќ, пасија и сила – објаснува Ева.
Лидија Георгиева, менторка на победничката креација на Магдалена Димковска, вели дека критериумите по кои е склопувана креацијата за амбасадорката се персоналност, оригиналност, естетика на високо ниво и силна приказна.

– Нејзиниот дизајн е поетичен, ги задоволува естетските критериуми за дипломатски настан, но исто така голем адут беше и почитувањето на темата според неколку критериуми. Отпечатокот на природата врз самиот материјал е главниот лик во приказната, за која внимававме да е адаптирана на карактерот и силуетата на амбасадорката, наедно да биде и пријатен за носење. Како ментор, ги придружувам студентите исто како да се работи за моја креација, односно од самиот почеток. Внимавам да ги приближам кон реалните услови на еден максимално професионално изработен проект. Токму поради тоа, голем дел наши студенти брзо наоѓаат работа, а често имаат помош и од наша страна – истакнува Лидија.