Фото: Игор Бансколиев

Потребно е жителите и посетителите да се стават во функција на грижа за заштитените подрачја преку пријавување неправилности кај субјектите што управуваат со нив, вели Бојан Ранташа

Многу земји низ светот сè повеќе ја сфаќаат важноста за зачувување на природата, а во тоа улога имаат и граѓаните преку нивното учество и интеракција со природата. А кај нас, според истражувањата, граѓаните многу малку се запознаени со тоа што значи заштитено подрачје.
„Натура МК“ работи на проект за вклучување на јавноста во борба против нелегалните активности во високопланинските предели на заштитените подрачја, како процес што е потребен за да се воспостави паметно користење на природата и нејзино чување. Притоа открива дека во голема мера ниту локалното население ниту посетителите не се запознаени со тоа што е дозволено, а што забрането да се прави во заштитените подрачја.
– Проектот, всушност, ни е многу мал и многу краток во однос на тоа што сѐ е потребно да се направи, но задоволни сме што во „ВВФ Адриа“ (WWF Adria) и СИДА најдовме поддршка за да почнеме некаде. Се фокусираме на високопланинските предели на заштитените подрачја, и тоа конкретно соработуваме со СП Вевчански Извори, НП Галичица и НП Маврово. Притоа настојуваме да ја подобриме комуникацијата помеѓу јавноста и субјектите што управуваат со заштитените подрачја. Потребно е жителите и посетителите да се стават во функција на грижа за заштитените подрачја преку пријавување неправилности кај субјектите што управуваат со самите заштитени подрачја. Најчесто постои јаз на „ние“ и „тие“, кој се обидуваме да го премостиме и тоа да стане „заедно“.

На ренџерските служби им е добредојден уште еден пар очи што ќе пријават дејства што ѝ штетат на природата. Но потребни се граѓани што ќе се запознаат што ѝ штети на природата, односно што е забрането кај нас. Со „Натура МК“ се впуштивме во изработка на серија објави на социјалните медиуми, со цел да едуцираме за тоа што го воочивме дека е потребно, односно за самиот Закон за заштита на природата. Покрај ова, ние, во рамките на ограничувањата со пандемијата, остваривме голем број средби со засегнати страни, граѓани, во врска со заштитата на природата во високопланинските предели. Од тие разговори ќе подготвиме извештај за состојбата со нелегалните активности во високопланинските предели на заштитените подрачја – вели Бојан Ранташа, еден од иницијаторите на проектот.
При разговорите со засегнатите страни многу често граѓаните на нивните прашања даваат одговор дека не знаат што точно е забрането, односно дали нешто е легално или не.
– Во таква ситуација, граѓаните не би можеле да пријават прекршок, бидејќи не го препознаваат, па дури и самите тие случајно, може да го направат. Актуелен пример се пожарите. Палењето оган е забрането во шума и во заштитени подрачја, граѓаните сакаат да прават пикник со скара во природа, а голем број пожари се предизвикани токму поради недогаснати огништа на излетнички места. Тоа што претставува предизвик е каде е поставена одговорноста за ова информирање, дали кај граѓаните – самите да се информираат и да го знаат законот; или кај институциите – да информираат за забраните. Ние се обидуваме да го покриеме тоа со неколкуте објави, но и во извештајот што го подготвуваме да предложиме поголема комуникација и едукација токму околу овие забрани – дополнува тој.
Тој потенцира дека има едно основно правило за посета во природа: „Не оставај трага“, што секој треба да го следи.

– Тоа може наједноставно да се земе од секој што оди во природа. Што помалку траги да остави од своето присуство таму. Отпадот да си го земе со себе, да не ги кине растенијата или да ги вознемирува животните. Да не ги напушта назначените патеки, едно, за да не се загуби, но друго, идејата со следењето на патеките е за да им се даде слободен простор на животните. Природата е нивен дом и не е пријатно кога луѓе ги вознемируваат. Што се однесува до лицата со кои разговаравме за високопланинските предели, повеќето се луѓе што ја сакаат природата и сакаат природата да биде заштитена. Некои од лицата со кои разговаравме и редовно пријавуваат доколку видат прекршок. Не само што има надеж туку има и вистинска акција за да се спречи штета врз природата. Благодарение на планинарите од Охрид, на Галичица се откриени и отстранети замки за животни. Во Маврово, жители пријавуваат локалитети каде што некој оставил отпад на што паркот реагирал. И покрај ваквите примери, потребно е да се зголеми бројот на лица што пријавуваат неправилности. Само така ќе се чуваат заштитените подрачја – истакнува Ранташа.
И покрај шесте закони што опишуваат што сѐ е забрането во природата и
прецизно идентификуваните 35 активности што се забранети, ангажираните ренџери и инспектори, повторно се прават енормни штети на заштитените подрачја…

– Проблемите се системски и општествени, па не може тукутака да се посочи едно нешто. Граѓаните се разочарани од институциите, па не гледаат целисходност во пријавувањето. Субјектите што управуваат со заштитените подрачја, пак, се разочарани од повисоките јавни институции, како на пример судството, бидејќи ги ослободувале лицата што биле фатени како го прекршиле законот и ѝ нанеле штета на природата. Но погрешно е и да се откажеме во настојувањата за заштита на природата, ако дозволиме таа да биде уништена и ако ја префрламе одговорноста на некој друг. Потребно е да дадеме сѐ од себе, да го побараме тоа и од институциите и да покажеме јавно дека заштитата на природата ни е важна. Што се однесува до паметното користење на природата, тоа е многу едноставно, само треба секој да се запраша како оваа природа може да постои и понатаму, да ја има следната година, за повторно тој/таа да ужива во неа и во придобивките што ги добива од неа. Како што кажува Атиџе во Медена земја: „Половина за мене, половина за пчелите“. Тоа е принципот на одржливото и паметно користење на природата: остави да има и за другпат – потенцира Бојан Ранташа.