Прилеп е подготвен за 18-то издание на традиционалниот карневал „Прочка“, кој ќе се одржи од 8 до 10 март, а на кој ќе учествуваат голем број поединечни и групни маски од земјава и од странство.

– Сè е подготвено за спектакуларен почеток на карневалот, кој одбележува полнолетство, но се одржува првпат од формирањето на ФЕКК Македонија. Како град целосно сме подготвени да ги пречекаме годинешните гости на карневалот. Ветуваме убава забава под маски – вели градоначалникот Илија Јованоски.

Според советничката за култура на општината Прилеп, Јана Јанеска Ристески, карневалската забава ќе трае три дена и ќе биде понудена посебна забава за учесниците, гостите и туристите што ќе ја следат „Прочка“ во Прилеп.

– В петок, во центарот за култура „Марко Цепенков“, ќе бидат изложени маските што ги изработуваат креативните ученици и нивните наставници од сите прилепски училишта. В сабота, на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, ќе се одржи традиционалното дефиле на ученици со маски, а в недела ќе се одржи натпреварувачкиот ден од карневалот, кој е посебен по тоа што во исто време се натпреваруваат и традиционални и модерни маски – вели Јанеска Ристески.

Забавите „Статуа фест“ и „Арт стрит“ се дел од урбаните содржини со кои карневалот ќе направи модерен спој со конвенционалните содржини, кои беа понудени на досегашните изданија на забавите под маски.

Според Хилда Црнеска, членка на здружението „Прилепски мечкари“, кое заедно со општината Прилеп е и носител на карневалот, за оваа карневалска прослава голем интерес покажале многу здруженија, како и групни маски од странство.

– Ќе имаме гости од Лесковац, Шабац, Бела Црква, Бања Ковиљача, Белград, првпат доаѓа маска од Сплит, неколку маски од Бугарија. Мислам дека годинава ќе имаме еден од подобрите карневали – посочува Црнеска.

На карневалот „Прочка“ доаѓаат гости и од Србија, Црна Гора, Турција, Хрватска и други земји. По завршувањето на натпреварувачкиот дел од карневалот, в понеделник напладне, во манастирот „Свети Ѓорѓија“, во организација на здружението „Прилепски мечкари“, ќе се одржи традиционален посен ручек.