Побарувачката за содржини на Интернет на почетокот на годинава нагло се зголеми кога државите ширум светот се затворија и воведоа карантин поради пандемијата на ковид-19 . Како „Нетфликс“ после првиот голем побарувачки бран се промени поради ковид-19? Побарувачката за стриминг се намалува, дури и повеќе отколку што очекувал „Нетфликс“, пренесува „Би-би-си“.

„Нетфликс“ за три месеци добил 2,2 милиони нови претплатници заклучно со 30 септември. Иако „Нетфликс“ очекувал намалување на растот, бројката била под јулската прогноза за 2,5 милиони корисници, што значи дека вредноста на акциите на компанијата паднале за пет проценти.

И покрај привременото намалување на својата продукција, заработката се зголемила и „Нетфликс“ забележал рекордни приходи од 790 милиони долари за овој квартал.

„На пандемиската стриминг забава На пандемиската стриминг забава ѝ се гледа крајот“ изјавил Паоло Пескаторе, технички и медиумски аналитичар во „Пи-Пи Форсајт“.

И покрај се „Нетфликс“ ги охрабрува инвеститорите дека сè уште е на пат да забележи рекордни 34 милиони нови претплатници во годинава или вкупно повеќе од 200 милиони.

„Стара гарда“, акциониот филм со Шарлиз Терон, на „Нетфликс“ го гледале 78 милиони нивни претплатници во првите четири недели по премиерата, што го прави најгледан на компанијата.

Популарни биле исто така „Енола Холмс“, „ Проект сила“ и „Бакнежот 2“, кои привлекле 76 милиони, 75 милиони и 66 милиони претплатници во првите четири недели по нивните премиерни прикажувања.

Податоците сепак треба да се земаат со мала резерва бидејќи „Нетфликс“ го смета секое гледање подолго од две минути како валидно и акцентот на бројот на претплатници секогаш го става на неговата оригинална продукција.

Бројот на меѓународни претплатници на „Нетфликс“ веќе го надминал бројот во САД само во последниот квартал, а најголем раст на бројот на претплатници е забележан во азиско-пацифичкиот регион, особено во Јапонија и во Јужна Кореја, што изнесува повеќе од милион нови претплатници, што е речиси половина од новите.

„Нетфликс“ сè уште заработува најмногу по корисник во САД, па затоа задржувањето на претплатници на домашниот пазар е клучно, особено бидејќи конкуренцијата со „Дизни“ и со „Ејч-би-оу“ се интензивира.

Затворањето и изолационите мерки на филмската и телевизиската продукција од изминатата пролет го наметна прашањето како „Нетфликс“ и неговата конкуренција ќе овозможат нова понуда за задржување на претплатниците.

„Нетфликс“ посочува дека не е премногу загрижен за тоа и дека бележи „добар и внимателен“ напредок во своето производство и очекува повеќето да започне следната година, со што би ја надминале 2020 година во секој квартал.

„Нетфликс“ ќе има корист од проблемите со кои се соочуваат сопствениците на кината, изјавила аналитичарката Софи Лунд Јејтс.

Публиката приморана да поминува повеќе време дома „троши материјал“ со побрзо темпо, а трошоците ќе растат, што би можело да ја принуди компанијата „Нетфликс“ да ги зголеми цените, предупредува Софи Лунд Јејтс.

– Оригиналната содржина може да ги задржи клиентите, но тоа чини пари и директно оди на штета на финансијската состојба на „Нетфликс“ – додава таа.