Откако брачна двојка во Индија на новородените близнаци им ги даде имињата Корона и Ковид, во Мексико име по опасниот вирус доби и еден бенгалски тигар. Ковид нема ни полн месец, а сопствениците во зоолошката градина во која е роден, велат дека иако сега е малечок и личи на играчка, тој е горд припадник на својот животински вид.

– Ковид е малечок, но разигран. Повеќе личи на кадифена играчка, отколку на бенгалски тигар, но канџите му се исклучително остри. Без сомнение ќе биде многу опасен, токму како вирусот што го тресе светот – вели Гонзало Родригез, сопственикот на зоолошката градина.
Тој додава дека покрај сите грди ситуации што се случија периодов, раѓањето на Ковид ја буди надежта дека работите некако ќе се вратат во нормала.

– Името на тигарот му го даде мојата ќерка, која на овој начин сакаше да ја издигне свеста на јавноста за еколошките прашања, наспроти пандемијата. Името во себе има надеж, што треба да нѐ учи дека треба да водиме повеќе сметка за себе и за своите блиски. Дека мораме повеќе да размислуваме за зачувување на планетата на која живееме – изјави Родригез.