Пред две милијарди години течела лава на површината на Месечината, покажала анализата на карпите што биле донесени на Земјата како дел од кинеската мисија „Чанг-5“. Имено, хемиската анализа на карпата, тешка околу два килограми, покажала дека вулканската активност на Месечината траела подолго отколку што се мислело, објавија научниците од Академијата за геолошки науки во Пекинг.
Резултатите од анализата, објавени неодамна во списанието „Сајанс“, укажуваат дека станува збор за најмладите вулкански карпи на Месечината.
Научниците открија дека овие примероци се за милијарда години помлади од карпите што ги донесоа на Земјата астронаутите од Америка и поранешниот Советски Сојуз пред повеќе од 40 години.
Еден од коавторите на студијата, Александар Немчин, истакна дека карпите, донесени во претходните мисии, не биле помлади од 3,1 милијарди години. Сепак, студијата не покажала дека на Месечината има големо количество радиоактивни елементи, што би ја обезбедиле топлината неопходна за вулканска активност, па затоа за научниците останува непознато како лавата течела толку долго на ова небесно тело формирано пред околу 4,5 милијарди години. По ова откритие, пред научниците сега е нова задача – да одредат кои други сили би можеле да ја одржат вулканска активност на Месечината.