Фото: Илустрација

Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со Националниот парк „Маврово“ на почетокот на минатиот месец обележа нова единка од балканскиот рис, близу селото Ничпур.

Се работи за здрава женка тешка 14,5 килограми, стара околу 10 години, која еколозите ја именуваа Атиџе.

Како и сите рисови досега и таа носи околувратник кој ја испраќа локацијата за нејзиното движење.

– Утврдивме плен и сега сме сигурни дека Атиџе е во добра состојба – вели Александар Павлов од Програмата за зачувување на балканскиот рис што ја спроведува МЕД.

Интересен податок за Атиџе е што таа е десетти рис што се следи со ГПС-околувратник за точно десет години следење единки од балканскиот рис со помош на овој метод.

МЕД досега има обележано шест мажјаци и четири женки од ова ретко животно.

– Ваквиот сооднос е особено важен, зашто ќе стекнеме подобар увид во однесувањето и на мажјаците и на женките, особено по сезоната на парење, кога рисовите речиси и да не се среќаваат меѓусебно – објаснуваат од друштвото.

Балканскиот рис е најреткиот од деветте подвида на евроазиски рис и исклучиво го населува Балканот.

Според сознанијата, во природа постојат помалку од 50 возрасни единки, од кои најголем број живеат токму во македонските шуми.