„Оскарот“ е една од најпрестижните филмски награди на светот. Меѓутоа, за некои филмски ѕвезди златната статуетка нема некое особено значење. Станува збор за оние што предност им дале на своите убедувања или на добрата доза сон.
Така, Елизабет Тејлор и Ричард Бартон не дошле на церемонијата на доделувањето на „оскарот“, кога филмот „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, во кој и двајцата глумеле, бил номиниран во дури 13 категории. Тоа било во далечната 1967 година, кога младиот режисер Мајкл Николс не ни сонувал дека со своето остварување ќе постигне толку голем успех. Главниот глумец Ричард Бартон не сакал да присуствува на церемонијата бидејќи се плашел дека нема да биде меѓу наградените, а вљубената Елизабет Тејлор се согласила да остане дома со него.

Сепак, таа ја добила златната статуетка, а тој во текот на својата кариера, иако седум пати бил номиниран никогаш не го имал кипот во рака. За разлика од него, Елизабет освоила „оскар“ уште двапати.
Половина од својот живот големиот режисер Стенли Кјубрик не ги напуштал границите на Велика Британија, а во последните години од животот ни својот дом. Тоа, се разбира, ги поттикнало приказните за мистериозниот режисер за кого некои тврделе дека не се знае ниту како изгледа. Кјубрик во 1969 година добил „оскар“ за најдобри визуелни ефекти за филмот „Одисеја во вселената“, но сепак, ја прескокнал церемонијата на доделувањето.
Неговите колеги се пошегувале дека славниот режисер одлетал на Марс во потрага по нови филмски локации, на што тој не обрнал големо внимание. Стенли Кјубрик подоцна бил номиниран за „оскар“ за режија на филмовите „Пеколниот портокал“ и „Бери Лондон“.

Џорџ Кемпбел Скот важел за исклучителна личност, колегите на сетот не само што му се восхитувале туку по малку и се плашеле од него. Скот е првиот глумец во историјата на Академијата што ја одбил наградата. По две номинации бил награден со „оскар“ за улогата во филмот за генерал Патон. Инаку, ова дело освои седум златни статуетки, но наградата за најдобра машка улога Скот ја одби сметајќи дека Американската филмска академија е корумпирана и варварска, а свечената церемонија личи на „двочасовна парада на месо“. Сепак, тоа не ги спречи членовите на истата Академија две години подоцна уште еднаш да го номинираат.
Британскиот филмски институт, според истражувањето од 2002 година, го нарече Орсон Велс најголем режисер на сите времиња. На церемонијата од 1942 година неговиот „Граѓанин Кејн“ беше номиниран во девет категории, но доби само еден „оскар“, и тоа за најдобро сценарио. Три децении подоцна во 1971 година, Велс едноставно не се појави на церемонијата во павилјонот „Дороти Чендлер“, каде што претставници на Филмската академија планираа да му доделат почесен „оскар“ за животно дело. Не му падна на ум да објасни зошто не се појави на свеченоста организирана во негова чест.

Не церемонијата за доделување на ова престижно признание одржана во 1973 година се случи скандал. Наместо Марлон Брандо, номиниран за „оскар“ за главна машка улога во филмот „Кум“, на сцената се појави Индијанка, облечена во традиционалната облека на Апачите и изјави дека го претставува Брандо. Таа прочита писмо во кое глумецот ја известува јавноста дека нема да ја прифати наградата. Причина: понижувачкиот став на филмската индустрија кон Индијанците. Списанието „Бизнис инсајдер“ овој став на славниот глумец го нарече еден од најистакнатите во историјата на Академијата. Марлон Брандо осум пати бил номиниран за „оскар“, но позлатената статуетка ја добил само еднаш, за улогата во филмот „На доковите на Њујорк“.

Американскиот филмски институт ја прогласи Кетрин Хепберн за најголема глумица во историјата на Холивуд, нејзината кариера траела цели 66 години, а дури 12 пати била номинирана за „оскар“ и четири пати станала лауреат. Славната холивудска ѕвезда израснала во Конектикат во големо семејство. Откако станала позната водела затворен, неконвенционален начин на живот и никогаш не присуствувала на церемонијата за доделување на „оскарите“. „Наградите ништо не ми значат, мојата најголема награда е што ја работам работата што ја сакам “, изјавила Кетрин во една пригода.
Кога Американската филмска академија во 2010 година на култниот режисер Жан Лик Годар му додели почесен „оскар“ за придонесот во развојот на кинематографијата, францускиот режисер не дојде да ја земе наградата, бидејќи, како што изјави, таа ништо не му значи. Сметал дека патувањето во Лос Анџелес заради „некое парче метал“ е попусто трошење на времето. Освен тоа, тој немал ни виза за влез во САД.
На доделувањето не дошол и раперот Еминем, кој стана победник во номинацијата „најдобра песна“, за филмот „Осум милји“. Музичарот не верувал во среќа и бил убеден дека нема шанси тој да го освои „оскарот“. Наместо да дојде на свеченоста, Еминем одлучил добро да се наспие таа вечер, а наградата во негово име ја примил некој друг.