Џаред Кушнер и Иванка Трамп

Се чини дека на нож ќе биде дочекана некогашната моќна двојка која планира да се врати во нивниот град, но допрва ќе следат изненадувања

Автор: Едвард Хелмор

Гардијан

Во чистилиштето на непризнаениот изборен пораз на Доналд Трамп, се чини дека на нож ќе бидат пречекани Џаред Кушнер и Иванка Трамп, како и десетици други пониски соработници на Трамп, кои по извршувањето на должноста ќе се вратат во Њујорк, градот кој претседателот во заминување го нарекува „анархична јурисдикција“. Судејќи според коментарите на медиумите, нивниот прием може да биде брутален. Френк Бруни за „Њујорк тајмс“ напиша дека „тие се фаустовски пример за претседателството на Трамп, слика и прилика на типичната американска елитна матурска двојка околу која сите танцуваат, но во помалку раскошно руво“. Поставувајќи широко прашање на она што тој го нарече „шокантно голем суд на соработници“, Бруни директно се обрати до двојката: „Џаред, кажи ми, а Иванка, биди искрена, дали сето тоа вредеше?“

Одговорот, се разбира, само двојката може да го даде. Но тоа не ги спречи другите да го кажат својот став. Андреа Бернстин, истражувачка новинарка од „ВНЈЦ“ и авторка на книгата „Американски олигарси: Кушнерови, Трампови и бракот на пари и моќ“, вели дека не е јасно дали тие планираат да се вратат во Њујорк, бидејќи империјата со недвижности на семејството на Кушнер сега се фокусира на средно-атлантските сојузни држави, а неговата сопруга повеќе не раководи со бизнисот за модни додатоци. Покрај тоа, како што истакнува Бернстин, двете њујоршки и државни истраги за азербејџанските консултантски услуги вредни 780.000 долари на Иванка, официјалните жестоки критики од страна на поранешните пријатели од Менхетн и силната политизација (таа оваа недела се приклучи на десничарскиот портал за разменување мислења „Парлер“) покажуваат дека демократски Њујорк можеби нема да биде совршеното место за нивното враќање.

– Не гледам никаков показател дека ќе се вратат или дека ќе бидат добредојдени. Истрагите се симбол на проблеми со кои семејството би можело да се соочи назад во Њујорк – порача Бернстин.

Ако се вратат, веројатно ќе пристигнат во Њујорк за време на нов рестриктивен период поради ковид-19. Рестораните работат со ограничен капацитет од 25 отсто и со дозволени четири лица на една маса, добротворните настани и музејските гала вечери околу кои се врти целото општество во Њујорк се практично ставени на пауза, така што можеби ќе биде ограничен и избегнат студениот прием.

Дејвид Колман од „Њујорк тајмс“ смета дека Кушнерови ќе донираат пари во болници, медицински добротворни организации и на болни деца, „за кои луѓето не можат да се лутат“, и ќе престојуваат во Хемптонс, скапото одморалиште за богатите и моќните. Иванка ќе се дистанцира од татка си, поради тоа што тој ќе продолжи во свој стил да пишува на Твитер. Лицата што беа поврзани со Трамп веќе некое време сакаат да се рехабилитираат откако политичките анкети почнаа да покажуваат како се зацврстува поддршката за Џо Бајден во текот на летото.

Стефани Винстон Волкоф, поранешна блиска пријателка на првата дама Меланија Трамп, неодамна објави книга базирана на нивните тајно снимани разговори. Министерството за правда во моментов ја тужи авторката во име на навредената сопруга на Доналд Трамп. Кланот Мардок кој е сопственик на „Фокс њуз“, сакаше да се дистанцира од нив, со тоа што стариот лисец Руперт Мардок не сакаше да потклекне пред барањата на Џаред Кушнер за „Фокс“ на изборната ноќ да не прогласи изборна победа на Бајден во Аризона. Листата на њујоршките соработници кои сакаат да си го „спасат вратот“ продолжува со Саманта, ќерката на Мајкл Коен, личниот адвокат на Трамп, која во „Венити фер“ го покажа во поразително светло претседателот, со тоа што ги остави понатаму да се борат најтврдокорните, предводени Руди Џулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк и посветен адвокат на Трамп.

Превод: Билјана Здравковска