Водечкиот портал за замена на куќи „Хоумексчејнџ“ издвои дури 14 светски дестинации, секоја специфична на свој начин, што се наоѓаат на различни страни на светот. Еве неколку необични места за незаборавна Нова година: снег на плажа на јужен Исланд, куќа-брод под Конкорд во Париз во Франција, фасцинантен поглед од вила во Костарика, монашка ќелија во стар манастир во Матеро во Италија, куќа под облаци во Квинстаун на Нов Зеланд, 15 метри долга едрилица во марина на остров во Грција, песочен замок на Сончевиот Брег во Јужна Африка, тропска вила во Пукет на Тајланд, еколошка куќа на хобити во Алзас во Франција, автентична фарма за кафе во Сао Паоло во Бразил, куќата на седумте џуџиња во Нормандија, њујоршкиот пентхаус на Менхетн, куќа на дрво во Костарика, романтична куќа-брод во Амстердам во Холандија…

Она што им е заедничко на овие локации е можноста таму да престојувате бесплатно. А парите, наместо за сместување, можете да ги потрошите на други мигови за паметење. Доколку имате авантуристички дух, можете да престојувате каде било на светот со замена на својата куќа, викендичка или апартман, и да си овозможите одмор или пречек на Новата година од соништата.

Ед Кушинс од Калифорнија, го основал сајтот „Хоумексчејџ“ во 1992 година и денес тоа е најголем и најпрогресивен портал за замена на сместувачки капацитети за време на патувања. Се проценува дека лани биле заменети 60.000 стана во 150 земји.