Од основањето на првиот национален парк, Јелоустоун во САД, во 1872 година, повеќе од 4.000 места се прогласени за заштитени зелени зони низ целиот свет

Откако беше основан првиот национален парк во 1872 година – легендарниот Јелоустоун во САД – повеќе од 4.000 од нив „никнаа“ низ целиот свет. Некои од најграндиозните се наоѓаат во САД, Австралија и во Кина.

Национален парк Кругер (Јужна Африка)
Овој национален парк е едно од најголемите „светилишта во пустината“ на африканскиот континент. Зафаќа површина од 19,485 квадратни километри и е дом на „големата петорка“ – лав, слон, носорог, африкански бивол и леопард.

Национален парк Доломити (Италија)
Сместен во регионот Венето, некогаш познат како национален парк Доломити Белунези, овој прекрасен национален парк е основан во 1988 година. Се шири на „скромни“ 32 квадратни километри, но сцените во него се едноставно натприродни.

Национален парк Игуасу (Бразил и Аргентина)
Националниот парк Игуасу се состои од два сестрински парка лоцирани во Бразил и во Аргентина. Тие се одделени со истоимената река што ги формира и водопадите Игуасу, една од најголемите во светот (тие се двојно поголеми од водопадите на Нијагара, на пример).

Национален парк Гранд Кањон (САД)
Сосема заслужено, тој е еден од најпознатите и најдобри паркови во светот. Поради својата големина и убавина (најголемиот и најдлабок во светот), самиот кањон е едно од светските чуда на природата – тој е долг 446 километри, широк до 29 километри и длабок дури 1.857 метри.

Национален парк Ѓореме (Турција)
Сместен во централна Анадолија, во регионот Кападокија, паркот е познат по своите необични карпести формации и неверојатни живеалишта на поранешните жители на оваа област. Зафаќа површина од речиси 100 квадратни километри.

Национален парк Џангџаџа (Кина)
Сместен во провинцијата Хунан, Џангџаџа е најстариот кинески национален парк. Во суштина е дел од еден поголем парк, Вулингјуан, и може да се пофали со повеќе од 3.000 врва и карпести формации. Една од главните карпи е висока дури 1.080 метри и се вика Аватар Алелуја Планина. Токму во овој парк беше отворен најголемиот лифт на отворено во светот во 2002 година – лифт на сто џина – кој патува до висина од околу 330 метри.

Национален парк Фјордленд (Нов Зеланд)
Снежни врвови, фјордови, водопади, Фјордленд го има сето тоа. Зафаќа површина од 12.607 квадратни километри, а за парк е прогласен во 1952 година. Најголемиот и најдлабокиот фјорд во него се вика Доубфул Саунд (сомнителен звук), а тој е длабок 421 метар.

Национален парк Острови Витсандеј (Австралија)
Сместен е во Квинсленд и се состои од група од 74 острови лоцирани во срцето на Големиот Корален Гребен. Според многумина, најдобрата плажа во светот – Вајтхевен – се наоѓа токму таму. До него може да се пристапи само со авион, хеликоптер или брод.

Национален парк вулкан Аренал (Костарика)
Тој е еден од најактивните вулкани на Костарика, висок 1.633 метри, и се наоѓа во централниот регион на земјата Алајуели. Иако вулканот не еруптирал веќе десет години, експертите веруваат дека во моментов тој „само спие“.

Национален парк Комодо (Индонезија)
Паркот се наоѓа помеѓу островите Сумбава и Флорес и е основан за да ги заштити змејовите комодо. Но со текот на времето, тој стана прибежиште – покрај на 5.700 гуштери и за повеќе од 1.000 вида риби, 260 вида корали, 70 вида сунѓери и најмалку 14 вида китови. Паркот се состои од три големи острови и 26 помали.

Национален парк Торес дел Паин (Чиле)
Лоциран во Патагонија, Торес дел Паин е прогласен за светско чудо од 2013 година. Има сè – недопрени шуми, леднички езера, врвови и изобилува со флора и фауна.

Национален парк Серенгети (Танзанија)
Ако сакате да бидете сведоци на најмасовната миграција на животни во светот, ова е местото да го сторите тоа. Опфаќа 1,5 милион хектари савана и е дом на „големата петорка“. На јазикот на народот Масаи, неговото име значи „бесконечни рамнини“.
Национален парк Банф (Канада)
Овој национален парк, сместен на час и половина возење од Калгари, може да се пофали со 260 различни видови птици и илјадници и илјадници километри пешачки патеки. Тој е еден од најстарите национални паркови во Канада.