Најстарата жена на светот, 118-годишната Јапонка Кане Танака, ќе го носи олимпискиот факел. Таа се излекувала двапати од рак, преживеала две глобални пандемии и сака да пие газирани пијалаци. Таа во мај ќе го носи факелот во градот Шиме, што се наоѓа во префектурата Фукуока. Должината на нејзината патека е стотина метри, а долговечната Кане ќе седи во инвалидска количка, што ќе ја турка еден од членовите на нејзиното семејство. Но таа сака и сама да направи неколку чекори и да му го предаде факелот на следниот носител.
Токму поради тоа, неодамна од членовите на семејството доби нови патики како роденденски подарок.
– Извонредно е што и на оваа возраст Кане сѐ уште има активен живот. Сакаме и другите луѓе да го видат тоа и да се инспирираат, а не само да мислат на пречките и на ограничувањата – изјави нејзиниот 60-годишен внук Ејли Танака.
Меѓу најстарите лица што досега го носеле олимпискиот факел се: 106-годишната Аида Геманке, која го запали олимпискиот оган во Рио де Жанеиро во 2016 година, и тогаш 101-годишниот пингпонгар Александар Каптаренко, кој трчаше со факелот на Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година, пренесува Си-ен-ен.
Летните олимписки игри во Токио требаше да се одржат лани, но поради пандемијата на коронавирусот се одложени за годинава.