Актерките Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис се враќаат во новото издание на „Сексот и градот“, наречено „И токму така“ (And Just Like That). Најпознатите њујоршки дами повторно ќе бидат на малите екрани. Актерките Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис ќе ги оживеат улогите што ги направија славни во новото издание на серијата.
„Ејч-би-о мaкс“ ја продолжува култната серија што воодушеви многумина. Сите три актерки објавија кратка најава за новата серија на своите профили на социјалните мрежи.
– Не можев да не се прашувам каде се сега – напиша Сара Паркер во својата објава.
Синтија Никсон, пак, во својот краток коментар наведе дека сѐ е можно.
– Ти, јас, Њујорк… Сè е можно – напиша Синтија Никсон во својата објава.
Новата серија е базирана на книгата „Сексот и градот“ од Кендис Бушнел, како и оригиналната серија создадена од Дарен Стар. Новото поглавје во приказната за њујорчанката ќе има десет получасовни епизоди, а снимањето почнува напролет. Шефицата на одделот за оригинални материјали на „Ејч-би-о мaкс“, Сара Обри, не можеше да го скрие својот ентузијазам за враќање на „Сексот и градот“ на малите екрани.
– Јас пораснав со овие ликови и едвај чекам да видам како продолжува нивната приказна во ова ново поглавје – рече Сара Обри.
Љубителите на серијата долго чекаа на третиот филм, но новата серија веројатно ќе ги направи уште посреќни. Оригиналната серија се емитуваше од 1998 до 2004 година, а филмовите беа во кината во 2008 и 2010 година. Ким Катрал веќе изјави дека нема да учествува во новите изданија на „Сексот и градот“.