Што имаат заедничко актерка во нем филм, суфражетка и најпознатата глува и слепа жена во историјата? Сите три се феминистки со попреченост и основачки на феминистичкото движење во почетокот на 20 век

Што имаат заедничко актерка во нем филм, суфражетка и најпознатата глува и слепа жена во историјата? Сите овие три жени – менторката на Чарли Чаплин, активистката што фрлала тули и револуционерката – се феминистки со попреченост, основачки на феминистичкото движење во почетокот на 20 век. Сега личните животи на Мејбел Норманд, Роза Меј Билингхерст и Хелен Келер ѝ се откриени на јавноста во еден поткаст, во форма на „неуредно“ прераскажување вистински настани во неколку епизоди од писателката Луиз Пејџ.
Луиз Пејџ од Нортамберленд има 27 години и има сложени ментални состојби, како што се биполарно растројство и посттрауматско стресно нарушување.
Пејџ вели дека сакала да дознае повеќе за првите феминистки со попреченост, откако открила дека Хелен Келер е радикална левичарка.
Келер сѐ уште е една од најпознатите глуви и слепи лица во историјата, позната по својот активизам, говори и пишани дела, како и по тоа што е првата глува и слепа личност што добила универзитетска диплома за општествени науки.
За нејзините радикални политички ставови, сепак, не се зборува многу.
Пејџ истакнува дека била инспирирана да пишува за овие три жени откако ги забележала врските меѓу нив.
– Мислам дека луѓето најчесто нѐ набљудуваат нас, лицата со попреченост, низ негувана и разубавена призма. Општеството не сака да ги гледа лицата со попреченост како комплексни и цели суштества. Мислам дека затоа луѓето ја занемаруваат радикалната страна на животот на Хелен Келер – затоа што не се вклопува во уредниот калап. Тоа беше една од моите најсилни мотивации кога пишував за поткастот. Да го скршиме калапот! Никој не смее да се става во калап – вели Пејџ.

Така е создадена серија поткасти на измислени приказни, наречени „Нови жени“. Пејџ вели дека за секој измислен или модифициран сегмент за жените со кои се занимава во поткастот, таа користела вистински настани како основа.
Иако Хелен Келер е најпозната од трите жени, актерката Мејбел Норманд, која им го трасирала патот на жените во филмската индустрија, беше многу позната благодарение на многубројните биографски филмови, книги и телевизиски емисии.
Норманд била филмска ѕвезда, режисерка и продуцентка, па дури му била и менторка на тогаш малку познатиот актер Чарли Чаплин и соработувала со него.
Низ сите епизоди на поткастот, Пејџ ја портретира Норманд искрено зборувајќи за прашањата поврзани со мажите, сексот и филмската кариера, за конечно да изрази дека е среќна што конечно ја основа својата сопствена продукциска куќа.
Норманд глумела во 167 кратки филмови и во 23 долгометражни филмови (вклучувајќи 12 филма со Чаплин) и била една од првите ѕвезди на немиот филм што го режирала и филмот во кој глумела. Иако се верува дека режирала најмалку 26 филма, таа била платена значително помалку од нејзините машки колеги, а нејзината успешна филмска кариера подоцна паднала во сенка на дрогата и врските со неколку познати холивудски скандали, вклучувајќи и две убиства.

Додека Норманд била лидерка на жените во Холивуд, Роза Меј Билингхрст била суфражетка во инвалидска количка. Таа користела обичен трицикл со мотор за да ги пробие полициските кордони во Лондон. Билингхрст, која подоцна станува непоколеблива активистка, се разболела од детска парализа како дете и потоа останала делумно парализирана. Поради употреба на инвалидска количка, таа брзо во британскиот печат била наречена „осакатена суфражетка“, особено откако била уапсена и задржана во затворот „Холовеј“.
– Јас сум исклучително корисна во вакви ситуации. Многу е корисно да се има инвалидска количка. Тврдиот метал е најдобар во борбата против полициските кошници – изјавува Билингхрст.
Пејџ вели дека истражувала „многу“ за да ја направи оваа серија поткасти.
Користела книги и документарни филмови и неколку снимки од неми филмови од тој период. Сепак, сопственото искуство ѝ укажало на поврзаноста помеѓу овие жени, нивните попречености и феминизмот.

– Често пишувам за феминизмот или попреченоста, но ретко за двете теми заедно – освен ако не станува збор за проектот што јас го претставив како идеја.
Голем дел од феминизмот сè уште не е достапен за лицата со попреченост. Сакав да покажам дека оваа поврзаност отсекогаш постоела и дека сепак треба да обезбедиме повеќе простор за феминистките со попреченост – вели Пејџ.