Хорор-филмовите се поделени на оние во кои преовладуваат општа неизвесност и скоро психолошка тортура, додека се прашуваме од каде потекнува изворот на стравот, и оние во кои е очигледно кој е страшниот и скоро непобедлив негативец. Понекогаш овие ликови стануваат многу попознати од самите франшизи и се враќаат во безброј продолженија. Тие се опасни, ужасни и не се откажуваат додека не затемнат сè околу себе. Нивните имиња се познати не само меѓу љубителите на хорор-филмовите туку и меѓу оние што не гледале ниту еден филм со нив, што само ја покажува трагата што ја оставаат во седмата уметност.

Фреди Кругер
Тој е одвратен, има канџи на рацете и се појавува во соништата, така што едноставно е неизбежен. Од сите три работи, не се знае која е пострашна за оние што бегаат од него и се обидуваат да останат будни и безбедни, но претежно без успех. Фреди се појави во филмот „Кошмар во Улицата на брестовите“ пред многу време, потоа се појави во многу дела во интерпретацијата на Роберт Енглунд, а видовме и не толку успешен обид за заживување на франшизата со Џеки Ерл Хејли.

Пенивајз
Има многу деца што се плашат од кловнови и тешко е да се негира дека има нешто ужасно кај нив, иако нивната примарна цел е да ги израдуваат истите тие деца. Ако додадеме на тоа дека кловнот е крволочен убиец што демне во канализацијата, сигурно има причина за страв. Кловнот Пенивајз на големото платно се појави во деведесеттите години, но неодамна пристигна и нова дводелна адаптација на познатиот роман на Стивен Кинг, во која овој кловн е уште пострашен.

Мајкл Мајерс
Тој е еден од ликовите што најмногу е заслужен за клишеата на незапирлив и страшен убиец, кој не зборува ништо, туку само има цел да ги убие сите пред себе. Мајерс се појави во десетина филма. Сè за него е застрашувачко, а најмногу од сè што ја запознал својата прва жртва кога имал само шест години. Тој носи во себе необјасниво и незаситно зло.

Ханибал Лектор
Опасен и впечатлив дури и кога е врзан, Лектор е дефинитивно најелоквентниот лик на овој список. Во него нема аура на необична мистика и неиздржаност, но тоа не го прави помалку убедлив. Напротив, овој канибалист ќе ви ги крене сите влакна на вашето тело со секое негово појавување на екранот, благодарение на маестралниот Ентони Хопкинс.

Џејсон Ворис
Се враќаме на уште еден тивок убиец, кој никој не може да го запре и убие, а кој е препознатлив по еден клучен детаљ – тој секогаш носи маска за хокеј. Неговиот изглед се смени до одреден степен во текот на многуте години и продолженијата во кои се појави, но секогаш зад себе оставаше терор и крвопролевање.

Ледерфејс
Со своето однесување, тој понекогаш личи на дете што не знае што сака, но потоа се појавуваат животински инстинкти и незаситна желба за касапење, што го прави еден од најпрепознатливите и најстрашни негативци на сите времиња. Тешко е да се остане смирен и сталожен кога ќе ги слушнете звуците на неговата моторна пила, а одвратните резултати сигурно не се за некого со слабо срце.

Пинхед
Можеби изгледа апсурдно според описот, но кога се појавува на екранот е многу убедлив и затоа го видовме во дури десет филма. Порано бил човек, но заради една мистериозна кутија, тој станал нешто друго и неговата мисија е да собира човечки души што ќе учествуваат во садистички експерименти.

Гоусфејс
Овој негативец ни покажа дека излегувањето од калапот може да биде добра идеја и дека ништо не треба да се отфрли пред реализацијата и конечниот производ. Наместо смешна маска, добивме икона на хорор-филм што сите го препознаваат и серијал што беше високо оценет и од обожавателите и од критичарите и кој донесе нови трендови во овој жанр.