Појавата на пандемијата на коронавирусот донесе промени во сите сфери на општествениот живот, вклучувајќи го и светскиот пазар на трудот. Некои сектори во општествените и економските структури напредуваа, додека, пак, други стагнираа. Со овие турбуленции се наметна потребата за одредени занимања пред другите, така што се формира листа од десет перспективни професии што нема да го сменат својот статус во иднина.
Без разлика дали планирате да се вработите или размислувате за преквалификација, бидејќи сте ја загубиле работата за време на пандемијата, ќе ви помогне истражување на Си-ен-би-си, спроведено врз основа на експертски анализи. Имено, иако анализата најмногу се однесува на американскиот пазар на трудот, истата таа може да се примени и за Европа и остатокот од светот.
Според Си-ен-би-си, пандемијата радикално ја промени работната средина, имајќи предвид дека милиони Американци ја сменија кариерата или се збогуваа со канцелариите засекогаш.
Според Бирото за статистика на трудот, вработувањето во САД ќе забави во следните 10 години, но во исто време побарувачката за одредени работни места ќе се зголеми. Анализата наведува дека САД ќе воведат 11,9 милиони работни места до 2030 година. Особено се издвојува индустријата за подготовка на храна и услуги, вклучувајќи ги и сервисните работници, готвачите и вработените во компании за брза храна, каде што ќе бидат потребни уште 1,5 милион работни места во следните девет години. По сектори, најголем раст се очекува во обновливите извори на енергија, податоците и здравствената заштита, а најмногу би се истакнале сервисерите за ветерни турбини, каде што се очекува побарувачката за оваа категорија работници да скокне за 68,2 проценти.
На списокот на десет најбарани професии до 2030 година се: техничари за сервиси на ветерни турбини, медицински сестри, специјалисти за инсталација на соларни панели, статистичари, асистенти на физиотерапевти, аналитичари за безбедност на информации, менаџери за здравствени услуги, научници за податоци и лекари асистенти.