Од зомби-апокалипса до фактот дека воопшто не постои, повеќе мистерии се поврзуваат со најосамената куќа на светот.
Постојат многу приказни што кружат за една бела куќа на островот Елижај, јужно од Исланд, а една од нив е дека е засолниште во случај на апокалипса во која зомби ќе шетаат по планетата.
Се појавија мистериозни теории за тоа како и зошто е изградена малата бела куќа, за која се верува дека е можеби најосамената куќа во светот. Тоа е единствената куќа на островот Елижај, оддалечен остров јужно од Исланд, околу кој се плетат легенди.
Според една теорија, куќата е изградена од милијардер што планирал да се пресели на оддалечен остров во случај на апокалипса во која ќе се појават зомби на Земјата.
Друга теорија вели дека во таа куќа живее религиозен фанатик, пустиник. Има и приказна дека исландската влада ѝ го дала островот на пејачката Бјорк, но тоа било демантирано. Имаше дури и такви што тврдеа дека куќата воопшто не постои, но фотографиите што се шират на социјалните мрежи го докажуваат спротивното.
Елижај е дел од архипелагот Вестманејајар, кој сега е целосно напуштен, но бил населен пред околу 300 години. Таму живееле пет семејства, главно од риболов, лов на птици и сточарство.
Последните жители го напуштиле островот до 1930-тите, кој оттогаш е пуст. Вистинската приказна за тајната куќа е многу помалку возбудлива од теориите што се плетат околу неа. Куќата, всушност, служи како ловна основа за група што ги организира активностите на ловџиите на островот. Имотот нема струја и вода.
Сепак, има сауна, напојувана од природен систем за собирање дождовница. Островот е природен резерват и заштитено подрачје, а туристичките агенции нудат еднодневни патувања до Елижај, за туристите што сакаат да ја истражат неговата природна околина.