Денес се наоѓа на дното на морето

На источната половина на Јамајка се наоѓа градот Порт Ројал. Да се најдете таму денес, можеби нема да забележите нешто посебно. Пуста тврдина на океанот, неколку кафулиња и видиковец. Но некогаш одамна таму сè било полно со живот, алкохол, коцкање, проституција, робови, пирати… Поради сето тоа, овој град го добил прекарот најозлогласениот и најгрешниот град во светот.
Не помина многу време пред Колумбо да се маѓепса од Јамајка кон крајот на 15 век, сè додека таа не се најде под англиска власт во 17 век. Тогаш започнува наглиот подем, пишува „Нешнл џиографик“.
Порт Ројал бил природно пристаниште, кое можело да прими 500 брода. Станал најголемиот град на Карибите, полн со можности за припадниците од различни слоеви на општеството. Богатите Англичани се збогатиле од продажба на робови на пристаништето, а имало и пирати што постојано ги напаѓале и ограбувале шпанските бродови на соседните острови.
Својата неславна репутација градот ја стекнал не само поради пиратите туку и поради огромното количество алкохол, акумулацијата на злато, кичестиот приказ на богатството и дамите со „лесен морал“. Една четвртина од градот се состоела од кафулиња и бордели, а се зборувало дека пиратите трошеле повеќе на пијалаци и жени за еден ден отколку што заработувал селанец во текот на целата година. Меѓутоа, тоа брзо ги довело до работ на сиромаштија. За тоа каква анархија владеела сведочел и фактот дека во 1675 година, пиратот Хенри Морган станал гувернер на пристаништето. Се чинело како ништо да не е невозможно и дека градот е на врвот на светот.
Меѓутоа, едно утро, на 7 јули 1692 година, силен земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала ја погодил Јамајка. Бидејќи пристаништето во голема мера било изградено на трусно подрачје и песок, зградите речиси целосно се срушиле, покриени со цунамито што следувало по земјотресот. Околу 2.000 луѓе ги загубиле своите животи.

Едмунд Хит бил еден од преживеаните, кој во тоа време бил на брод и видел сè од далечина.
– Земјата се отвори и ги проголта луѓето пред моите очи. Морето се издигна над ѕидовите и сфатив дека бегството е невозможно – напишал Едмунд.
Оние што преживеале сметале дека тоа е божја казна.
И покрај трагедијата, пиратите во следните 50 години продолжиле да грабнуваат и киднапираат шпански бродови. Сепак, природата продолжила и сама, се случиле пожари, земјотреси и урагани… Англичаните конечно се откажале од пристаништето, се спакувале и си заминале дома.
Поголемиот дел од градот од 17 век денес се наоѓа на дното на морето. Бидејќи не пропаднал до големи длабочини, на почетокот на 20 век посетителите сè уште известувале за видливите покриви и делови од градот што морничаво излегувале од водата, а нуркачите ги обиколувале неговите улици под вода. Поради ужасниот начин на кој се случило сè, некои историчари и археолози го споредувале пропаѓањето на Порт Ројал со пропаста на Помпеја.