В недела, 28 март, на телевизијата Канал 5, со почеток во 20 часот, ќе се емитува 24-то издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.
Најслушаното регионално радио Бубамара се подготвува за вонредно пандемиско издание, под слоганот „Ќе го преживееме и ова во животов!“.
Манифестација „Златна бубамара“ веќе неколку години е најголемиот регионален бренд.
Како што велат организаторите, и годинава ќе има награди и наградени, хумор и незаборавно музичко шоу.
– Овој пат, поради големиот интерес, а со желба да усреќиме што поголем број луѓе, влезниците ќе бидат бесплатни за сите. Едноставно, седнете пред ТВ-екраните и барем за миг заборавете на секојдневието – велат од радиото Бубамара.
Инаку, според истражување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), радиото Бубамара е најслушана регионална станица и во последниот квартал на 2020 година. Со тоа, Бубамара го продолжи и го заокружи својот статус на најслушано регионално радио во изминатата година, титула што успева да ја задржи во сите квартални истражувања – од 2018 наваму.