Пејачките Ријана, Бијонсе и Тејлор Свифт се најдоа на листата на списанието „Форбс“ на 100 најмоќни жени во светот во 2021 година, а наградени се вкупно 15 жени од медиумите и забавата. Најдобрата позиција, кога станува збор за оваа сфера, ја зазеде Опра Винфри, 23-та.
Ријана, која неодамна беше прогласена за национален херој на новооснованата Република Барбадос, го зазеде 68-то место на листата. „Форбс“ откри и дека пејачката на хитот „Diamonds“ сега е милијардерка, благодарение на успехот на нејзината козметичка линија „Фенти бјути“. Во косопственост на францускиот луксузен бренд ЛВМХ, брендот за производи за убавина заработи над 550 милиони долари во 2020 година.
Бијонсе се најде на 76-то место на листата на „Форбс“. Бизнис-магазинот на поранешната пејачка на групата „Destiny’s Child“ ѝ припишува заработка од вкупно 250 милиони долари за време на турнејата „On The Run II“ со нејзиниот сопруг Џеј Зи.
Тејлор Свифт, која се наоѓа на 78-то место, собори неколку музички рекорди оваа година. Нејзиниот албум „Фолклор“ од 2020 година стана првиот албум за време на пандемијата, кој беше продаден во милион примероци. Компилацијата на пејачката од повторно објавени песни од албумот „Red (Taylor’s Version)“ стана 10-ти албум на пејачката, кој го зазеде првото место на топ 200 листата на „Билборд“.
Кога станува збор за други сфери покрај музиката, проценетата нето-вредност на водителката Опра Винфри од 2,6 милијарди долари ја донесе на 23-то место на листата на „Форбс“, а беше претставена како медиумски магнат и беше крунисана за најмоќна жена во медиумите и забавната индустрија.
Актерката Рис Витерспун го зазеде 74-то место откако нејзината компанија „Хелоу саншајн“ беше купена во август оваа година, по проценета вредност од 900 милиони долари.
Првото место на листата не е поврзано со забавната индустрија и отиде во рацете на поранешната сопруга на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, Мекензи Скот, со проценета нето-вредност од 59,2 милијарди долари и 25 отсто удел во гигантот за интернет-трговија.