Првата награда од публика на фолк-вечерта на „Охрид-фест 2020“, што се одржа викендов на летната сцена Долни Сарај им припадна на „Скопски боеми“, кои ја изведоа песната „Љубовта е скапа играчка“. Музиката е на Петар Кан, текстот го напиша Огнен Неделковски, а аранжманот е на Цане Петров.

На фестивалот што директно го пренесуваше МРТ, беа изведени 19 композиции, а за конечниот пласман одлучуваа бодовите од македонски и радијата во дијаспората и гласовите на жирито, присутно на фестивалот.

Второто место му припадна на Ибро Лабунски, кој ја изведе песната „Анѓо моја судбино“ (музика и текст Ибро Лабунски, аранжман Суад Усеин Цуле), додека третата награда од публика ја доби Благоја Грујовски за „Не се будам без тебе“ (муз. Иво Горов, т. Огнен Неделковски и ар. Љупчо Соколовски).

Жирито своите гласови им ги даде на Зоран Христов и песната „Ќе те носам на југ“ на Горан Шарац, со аранжман на Ц.П. Дундарак и стиховите на Огнен Неделковски. Нино Величковски ја доби втората награда, изведувајќи ја песната „Чувај не песно“ на Филип Неделковски, со текст на Огнен Неделковски и аранжман на Петар Кан, а на третото место се пласираа Катерина Брезева и „Соната“ со песната „Кажи ми кажи“, (музика и аранжман на Петар Кан и текст на Драган Матески).

Наградата за најдобар аранжман му припадна на Јовица Каралиевски за песната „Побарај среќа“ што ја пееше Петар Нечовски. Наградата за најдобар текст што го носи името „Јован Павловски“, му припадна на Огнен Неделковски за стиховите на песната „Мој Охриде“ што ја изведе Добрила Чабриќ- Ивановска.

За најтрубадурска песна е прогласена „Животот е еден“ што ја изведува Милован Секулоски и „Позитив бенд“ (муз и т. Милован Секулоски, ар. Гоце Цоцески), а специјалната награда „Долни Сарај“ ја доби Ирена Спасовска и песната на Горјан Стојановски и Цане Петров „Кокиче“.

Награда за најдобара интерпретација ѝ припадна на Јуле Николовска, а специјалната награда „Аце Ангелески“ ја доби Анета Арсовска за „Зароси љубов“. Барбара Јаковлеска имаше најдобар сценски настап, додека за најдобар дебитант е прогласена Гордана Микиќ. Најслушана песна помеѓу двата фестивали е „Моето семејство“ што ја пее Методија Столески.