Светскиот просек на консумација на алкохол значително е зголемен во однос на претходните 30 години, благодарение на тоа што луѓето во Кина и Индија денес пијат повеќе, велат истражувачите, а пренесува „Гардијан“.

Моментните трендови покажуваат дека глобалната консумација на алкохол по лице ќе порасне за уште 17 отсто во следната деценија, откако е забележан пораст од 10 отсто на оваа ставка во периодот од 1990 до 2017 година.

До 2030 година, половина од возрасните лица ќе пијат алкохол, а повеќе од четрвртина од нив прекумерно ќе пијат еднаш во месецот, велат проекциите на медицинскиот журнал „Лансет“, кои опфаќаат 189 земији во светот.

Глобално, околку 237 милиони мажи и 46 милиони жени страдаат од здравствени нарушувања поврзани со алкохолот, со највисоки бројки во Европа и во Северна Америка.

– Пред 1990 година, најмногу алкохол беше консумиран во земјите со највисоки приходи, со највисоки проценти на консумирање на алкохол забележани во Европа – констатира истражувачот на Институтот за клиничка психологија и психотерапија, Јакоб Мантеј од Дрезден, Германија.

Но, забележано е дека овие трендови се значително променети, со драстични намалувања ширум Европа и огромни зголемувања во земјите со средни просечни примања како Индија, Кина и Виетнам.

Во 2017 година, пак, процентот на лица од 15 или повеќе години, кои консумирале алкохол во Европа и во Северна Америка, е повисок во однос на кои било други региони во светот. На пример, во Франција мажите испиле 19 литри чист алкохол во просек, а жените под шест, за заеднички просек од 12 литри.

Според овие истражувања, консумацијата на алкохол на глобално ниво се искачила од 5,9 литри чист алкохол по возрасно лице во 1990 година на 6,5 литри во 1997 година, а се проценува дека истата бројка ќе се искачи до 7,6 литри до 2030. На светско ниво, 45 отсто од консумацијата доаѓа од алкохол произведен од житни култури, уште 15 отсто е пивото, а 12 отсто е виното.