Првата полуфинална вечер на фестивалот на забавна музика „Макфест“, што ќе се одржи во Штип на 4, 5 и 6 октомври ќе ја отвори најмладата учесничка Сара Гигова, која ќе ја отпее песната на Кире Костов и Миодраг Врчаковски „Љубовна бура“. Ова беше соопштено на денешната, прва прес-конференција, што се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, на која за годинашното 33. по ред фестивалско издание говореа: градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, во име на локалната самоуправа, која и годинава е покровител на „Макфест“, уметничкиот директор Владимир Дојчиновски Дојчин и техничкиот директор Кирил Панајотов. Конференцијата ја отвори Драган Ристов, кој е одговроен за прес-службата на „Макфест 2018“.

– Долги години „Макфест“ е гордост на Штип, но и на цела Македонија и верувам дека годинава ќе имаме најубаво и најквалитетно издание во изминатите неколку години. Тоа го тврдат сите вклучени во организацијата, за што секако се гаранција квалитетната музика и добрите изведувачи кои ќе придонесат „Макфест“ и годинава да блесне во полн сјај – рече градоначалникот Бочваров.

Владимир Дојчиновски Дојчин се заблагодари на можноста оваа година тој уметнички да го обликува „Макфест“.

– Им благодарам на сите кои се дел од фестивалот, автори и изведувачи, особено на оние поискусните, нивните имиња даваат тежина и го прават фестивалот поинтересен за медиумите и за пошироката јавност – рече Дојчиновски.

Тој извести дека годинава ќе се пее само на македонски јазик, бидејќи нема гости од странство, како изминатите две години. Има измени и во начинот на гласање, за кое ќе одлучуваат две жирија (меидумско и стручно) и гласовите на публиката во салата, чиј сооднос ќе биде сооштен на самиот фестивал.

Од своја страна техничкиот директор Кирил Панајотов, рече дека годинава од сите учесници на „Макфест“ очекува да го дадат својот максимум.

– Како и досега пејачите ќе бидат сместени во хотелот „Оаза“ во близина на Домот на културата „Ацо Шопов“, каде традиционално се одржува фестивалот. Секој ден ќе има прес-конференции што ќе почнуваат во 14.30 часот, а на една од нив Џокси ќе го промовира спотот за песнста „Љубовта е“ со која ќе настапи на „Макфест“. Што се однесува до наградите, ќе има три главни од 5.000, 4.000 и 3.000 евра, како и четири од по 500 евра, за најдобар дебитант, текст, аражман и за сценски настап.  Продукцијата е во рацете на Валентино Скендеровски, „Дивиди 5“ е задолжен за озвучувањето, а Зоран Тошевски е сценограф. Шоу на финалната вечер ќе има Дарио, а МТВ ќе ги пренесува сите три фестивалски вечери со почеток во 20.30 часот. Видителка ќе биде Марјана Станојковска – објасни Панајотов.

Меѓу годинашните учесници на „Макфест“ се и: Дани, Ѓоко Танески, Александар Тарабунов, Наташа Малинкова, Димитар Андоновски, Наталија Данаилова, Мартинијан Кириловски, Огнен Здравковски, Антонија Гиговска, Мина Блажев, Игор Узунов, Горан Наумовски и Горан Папаз, Пепа Димтирова, Симона Поповска и други. М.Т.