Доколку не ја поднесувате летната горештина и сакате да се затворите 48 часа и да гледате интересни филмови чија тема е летото или, едноставно, барате остварување за одмор на море, езеро, планина, во викендичка или во вашиот стан на деветти кат, оваа листа може да ви биде добар водич. Веројатноста дека некои од овие филмови веќе сте ги гледале е огромна, но понекогаш треба да се повтори материјалот.

„Базен“, 1969 г.
Филмот на Жак Дера не е ремек-дело, но има статус на култно остварување. Напнатата приказна за љубомората и измамата ги освои гледачите поради хемијата што постоеше меѓу Ален Делон и Роми Шнајдер за време на снимањето, иако нивната врска заврши неколку години порано. Делон и Шнајдер играат двојка што го минува времето во близината на Сен Тропе, а сѐ се комплицира кога во вилата доаѓа нејзината некогашна љубов, со ќерка тинејџерка. (Џејн Биркин).

„Ајкула“, 1975 г.
Неизбежен филм на оваа листа, прототип на летен блокбастер и остварување што со генерации ги заплашуваше луѓето на бреговите на морињата и океаните. Заснован на бестселерот „Ајкула“ на Питер Бенкли, во режија на Стивен Спилберг, филмот говори за напорите на тројца херои (Рој Шнајдер, Роберт Шо и Ричард Драјфус) да ја фатат и убијат големата бела ајкула што ги тероризира капачите во летувалиштето Амити Ајленд. За напнатоста придонесува и музиката на Џон Вилијамс.

„Ден на големи бранови“, 1978 г.
Тројца згодни пријатели, сурфери (Жак Мајкл Винсет, Вилијам Кет и Гери Буси) го минуваат времето на плажа, но нивната калифорниска безгрижност ја нарушува близината на виетнамската регрутација. На почетокот на филмот, чие дејство е сместено во 1962 година, тројцата пријатели се забавуваат, одат на забави, бараат девојки, а три години подоцна се сретнуваат на регрутација…

„Остани со мене“, 1986 г.
Стив Кинг вели дека ова е најдобра адаптација на некое негово дело. Сценаристот и режисер Роб Рајнер снимил веројатно еден од најдобрите филмови за созревање, врз основа на новелата на Кинг, „Труп“. Станува збор за слоевита, носталгична, горчливо-слатка, емотивна и суптилна приказна за растењето, пријателството, невиноста и лојалноста, а за успехот на филмот, несомнено, е заслужна и младата актерска екипа.

„Коктел“, 1988 г.
Овој филм е добитник на „златна малина“ за 1988 година, а тоа го прави идеален летен хит. Говори за момче (Том Круз) што по враќањето од војска се вработува како бармен за да собере пари за студии. И се појавува одлична можност – бар на Јамајка и можност за брза заработка. Таму ја запознава младата уметница (Елозабет Шу) во која се вљубува… Доколку посакате да се изместите од јулската врелина, ова е идеален филм за вас.

„Викенд со мртовец“, 1989 г.
Двајца губитници, млади службеници во њујоршко осигурително друштво (Ендрју Меккарти и Џонатан Силверман), еден жежок ден, прегледувајќи ги деловните документи, неочекувано откриваат дека некој ја олеснил компанијата за два милиони долари. Одлучуваат за новоста да го известат ексцентричниот шеф Берни, но не претпоставуваат дека тој е всушност крадецот…

„Точка на прекин,“ 199 г1.
Во описот на овој филм, сѐ звучи како да станува збор за лош акциски филм од Б или Ц-продукција. Младиот и неискусен агент на ФБИ (Кијану Ривс) се обидува да се уфрли во група сурфери, кои, маскирани во некогашни американски претседатели, ограбиле 27 банки. Но во прашање е најдобриот акциски филм снимен во 1990-тите, во режија на Кетрин Бигелоу, со Кијану Ривс и Патрик Свејзи во главните улоги.

„Сега и некогаш“, 1995 г.
Филм за растењето на четири девојчиња од Индијана во 1970 година, за нивните први бакнежи, врски, раскинувања, дилеми, за влегувањето во светот на жените. Четирите девојчиња се наоѓаат 20 години подоцна во Шелби, градот во кој пораснале, за да го исполнат даденото ветување.

„Украдена убавина“, 1996 г.
Уште еден филм за созревањето, овој пат тоа е приказна за Луси (Лив Тајлер), која по 19-от роденден и самоубиството на мајка си, оди во италијанската област Ломбардија, бидејќи сака да дознае кој ѝ е татко и со желба да ја загуби невиноста на истиот начин како и нејзината мајка пред дваесет години. Прекрасни предели, музика и фотографија, извонредни улоги. Со еден збор, вонвременска убавина.

„Талентираниот господин Рипли“, 1999 г.
Уште еден филм што нѐ води низ идиличните италијански предели. Ентони Мингела собрал извонредна екипа (Мет Дејмон, Гвинет Паклтроу, Џад Ло, Кејт Бланшет и Филип Симон Хофман) и, се разбира, направил одличен, напнат, летен психолошки трилер. Том Рипли (Мет Дејмон) од Италија се враќа во САД. Таму се зближува со Дики и со Марџ (Гвинет Палтроу) и ужива во луксузниот живот…

„Мокро и жешко американско лето“, 2001 г.
Дејството е сместено во 1981 година, а ги оживува последните денови на едно друштво во летен камп. Всушност, тоа е пародија на тинејџерските секси-комедии, а меѓу актерите е и Бредли Купер.