Доколку не ги поднесувате летните горештини и сакате да се зaтворите 48 часа и да гледате интересни филмови на темата лето, оваа листа може да ви биде добар водич. Најверојатно некои од овие наслови веќе ви се познати, ама некогаш е добро да го обновиме материјалот. Филмовите се наредени хронолошки и има наслови од сите декади.

„Базен“, 1969 г.
Филмот на Жак Дера не е ремек-дело, но има статус на култно остварување. Ова е напната приказна за љубомората и неверството и ги освојува гледачите поради хемијата што тогаш постоела меѓу Ален Делон и Роми Шнајдер, иако нивната врска завршила неколку години порано. Делон и Шнајдер играат двојка што го минува одморот блиску до Сен Тропе, а сѐ се комплицира кога во вилата доаѓа неговата некогашна љубов со ќерка тинејџерка (Џејн Биркин).

„Ајкула“, 1975 г.
Овој филм е неизбежен на оваа листа како прототип на летен блокбастер и остварување што со години им влеваше страв во коски на сите кога одеа на море или океан. Заснован врз бестселерот „Ајкула“ на Питер Бенкли во режија на Стивен Спилберг, филмот зборува за напорите на тројца херои (Рој Шнајдер, Роберт Шо и Ричард Драјфус) да ја фатат и убијат големата бела ајкула, која ги тероризира капачите во летувалиштето „Амити ајленд“.

„Денот на големите бранови“, 1978 г.
Тројца привлечни сурфери (Жан Мајкл Винсент, Вилијам Кет и Гери Буси) го минуваат времето на плажа, но нивната калифорниска безгрижност ја нарушува близината на регрутацијата за учество во војната во Виетнам. На почетокот на филмот, чие дејство е сместено во 1962 година, тројцата пријатели се забавуваат, бркаат девојки, а по три години се среќаваат на регрутација…

„Остани со мене“, 1986 г.
Стив Кинг изјавил дека ова е најдобра адаптација на негово дело. Сценаристот и режисер Роб Рајнер го снимил, веројатно, еден од најдобрите филмови за растењето врз основа на новелата „Труп“. Се работи за слоевита, носталгична, горчливо-слатка, емотивна и суптилна приказна за созревањето, пријателството, нежноста и верноста, реализирана со извонредна екипа млади актери.

„Коктел“, 1988 г.
Овој филм е добитник на „златна малина“ за најлош филм во 1988 година, но и покрај тоа стана голем летен хит. Говори за младич (Том Круз), кој по доаѓањето од војска се вработува како бармен, за да собере пари за студии. И добива шанса да работи во бар на Јамајка и можност за брза заработка. Таму ја запознава младата уметница (Елизабет Шу) во која се вљубува.

„Викенд со мртовец“, 1989 г.
Двајца губитници, млади службеници во едно осигурително друштво во Њујорк (Ендрју Мекарти и Џонатан Силверман), едно жешко попладне, прегледувајќи ги документите на фирмата, неочекувано откриваат дека некоја компанија ја олеснила за два милиони долари. Сакајќи веста да му ја соопштат на својот шеф Берни не ни сонуваат дека тој е крадецот…

„Точка на прекин“, 1991 г.
Млад и неискусен агент на ФБИ (Кијану Ривс) се обидува да се уфрли во група сурфери, кои маскирани во бивши американски претседатели ограбиле 27 банки. Но во прашање е еден од најдобрите акциони филмови снимени во 1990-тите во режија на Кетрин Бигелоу. Во филмот глуми и Патрик Свејзи.

„Сега или никогаш“, 1995 г.
Филм за растењето на четири девојчиња од Индијана во 1970 година, за нивните први бакнежи, врски, раскинувања, дилеми, влегувањето во светот на жените… Тие се наоѓаат по 20 години во Шелби, градот каде што живееле, за да го исполнат даденото ветување. Ова е еден од највпечатливите филмови снимени во 1990-тите.

„Украдена убавина“, 1996 г.
Ова е приказна за Луси (Лив Тајлер), која по 19-от роденден и самоубиството на мајка ѝ доаѓа во Италија, во областа Ломбардија, сакајќи да дознае кој ѝ е татко и да ја изгуби невиноста исто како нејзината мајка пред 20 години. Прекрасни предели, музика, фотографија, актери…

„Талентираниот господин Рипли“, 1999 г.
Уште еден филм што нѐ води низ идилични предели. Ентони Мингела собрал извонредна актерска екипа (Мет Дејмон, Гвинет Палтроу, Џад Лоу, Кејт Бланшет) и се разбира направил напнат, летен психолошки трилер. Том Рипли (Мет Дејмон), разгалено момче од богато американско семејство на бродоградители, добива задача неговиот син (Џад Лоу) да го врати од Италија во САД.

„Мокро и врело американско лето“, 2001 г.
Дејството на филмот е сместено во 1981 година и се одвива во текот на последниот ден од престојот на група млади во летен камп. Всушност ова е пародија на тинејџерските секси-комедии и прв филм во кој глуми Бредли Купер.

„Спектакуларна утрешнина“, 2013 г.
Животната филозофија на еден матурант, кој сака да се забавува и е на граница да стане алкохоличар, се менува откако запознава една нетипична „добра девојка“. Одличната глума на Мајлс Телер и на Шејлин Вудли беше наградена на фестивалот „Санденс“, каде што филмот беше премиерно прикажан. Иако е од понов датум, ова остварување веќе го наоѓа своето место на листата на најдобрите тинејџерски филмови.