Технички летото веќе одамна почна, а последната августовска тура туристи веќе се пакуваат за заминување на одмор на посакуваната дестинација. Се разбира, некои беа уште во јуни, други во туристичкиот шпиц во јули, а некои ќе го сторат тоа во септември. На која било група да ѝ припаѓате, издвојте еден-два часа за да погледнете некоја од урнебесните комедии, чија тема се токму летниот одмор и сите перипетии што ги носи тој.

„Најегзотичниот Мериголд хотел“, британски филм од 2011 г.
Седуммина постари Британци (Џуди Денч, Били Нај, Том Вилкинсон, Меги Смит), откако ќе прочитаат интересен оглас патуваат за Индија, наводно во егзотичен хотел, а ги дочекуваат руинирана зграда и Сони, млад домаќин со бескраен ентузијазам. На секој од пензионерите туристи по нешто му недостига во животот, но индискиот хотел остава траги во нивните животи и кај сите работите почнуваат да се менуваат на подобро. Иако ова не е комедија од која ќе ве заболи стомакот од смеење, туку повеќе драма со елементи на комедија, ликовите во филмот ќе ве одушеват, и тоа ништо помалку од прекрасните индиски предели. Снимено е и продолжение на филмот во 2015 година.

„Изгорени“, француски филм од 1978 г.
Оваа култна француска комедија го има токму она што се навестува во водечката музичка нумера, познатата песна на Серж Генсбург: море, сонце и секс. Група туристи (Мишел Бланк, Мари-Ан Шазел, Кристијан Клавие…), доаѓаат во камп покрај Брегот на Слоновата Коска во Африка, решени да заборават на своите животни проблеми и емоционални разочарувања. Комичарите, кои сите до еден ќе станат најголеми ѕвезди во Франција, донесуваат низа секвенци што со себе ги носат летните авантури. Благодарение на овој филм, музичка тема на просечно француско семејство е „Дирлада“. Филмот има и продолженија: „Изгорени на скијање“ од 1979, како и „Изгорени 3: Пријатели засекогаш“ од 2006 година.

„Што со Боб?“, американски филм од 1991 г.
Познатиот психотерапевт Лео Марвин (Ричард Драјфус) заминува на одмор со семејството за да побегне од еден од своите најкомплицирани пациенти – Боб (Бил Мареј). Меѓутоа, Боб не би бил опсесивно-компулсивен невротичар, каков што е, доколку не успее да ги пронајде доктор Марвин и неговото семејство. Останувајќи со нив, членовите на фамилијата сѐ повеќе се врзуваат за Боб, додека докторот е пред нервен слом. Ова е една истовремено и типична и атипична семејна комедија.
„Хотел Трансилванија 3: Одморот почнува“, американски филм од 2018 г.
Еве и еден понов филм, и не е важно ако не сте ги гледале првите два дела, брзо ќе влезете во приказната. Овој пат, чудовиштата одат на одмор во хотел на вода во Бермудскиот триаголник. Ќе уживате уште во текот на нивниот авионски лет, забавното крстосување и одличните кореографии. Дали чудовиштата ќе ги избегнат замките на Ван Хелсинг (Џим Гафиган) или не, тоа ќе го откриете ако го погледнете ова интересно филмско остварување. Филмот, пред сѐ, е наменет за деца, но во него уживаат гледачи од сите генерации.

„Луд одмор“, американски филм од 1983 г.
Режисерот Харолд Рамис го режираше овој филм според сценариото на познатиот Џон Хјуз, кој ја приспособи својата кратка приказна за вистински настан во неговото семејство, во текот на посетата на „Дизниленд“.
Во филмот, семејството Гризвалд, на чело со таткото Кларк (Чеви Чејс), тргнува во „Светот на Воли“, забавен парк за чија посета, освен него, никој нема посебен ентузијазам. Се разбира, она што би требало да биде незаборавно патување преку половина Америка, станува целосна катастрофа.

„Како да се преболи Сара Маршал“, американски филм од 2008 г.
Музичарот Питер Бретер (Џејсон Сигел) добива „корпа“ од телевизиската ѕвезда Сара Маршал (Кристијан Бел) и по сугестија на пријателите заминува на романтично летување на Хаваите. Таму ја запознава Рејчел (Мила Кунис), но бидејќи е баксуз, дознава дека во апартманот до неговиот се Сара и нејзиниот љубовник, рок-ѕвездата Алдус Сноу (Расел Бренд). Веќе претпоставувате што се може да се случи, во комбинација со многу хумор и убавините на Хаваи.