Најголемото дискографско признание во Хрватска, за исклучителни дискографски достигнувања во музиката, „Мултиплатиниум авард“ на Хрватското дискографско здружение, му беше врачено на Влатко Стефановски, македонскиот музички амбасадор и еден од најзначајните гитаристи и кантавтори во регионот.
Стефановски ја прими наградата во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб, каде што со својата екипа настапи на 7 декември, и тоа лично од рацете на Желимир Бабогредац, претседател на Хрватското дискографско здружение и директор на „Кроација рекордс“.
Влатко е познат на регионална музичка сцена, а и пошироко, како водач на култните „Леб и сол“, по што изгради успешна соло-кариера. Освен на полето на рок-музиката, Стефановски е успешен и како композитор на театарска и филмска музика, но и како учесник на многубројните проекти со светски музичари.
На концертот во Загреб, Влатко го промовираше актуелниот албум „Taftalidze Shufle“, настапувајќи со своето трио, во кое се неговиот син Јан Стефановски (тапани) и Иван Кукуќ (бас-гитара), на кое му се приклучи и Дамир Имери на клавијатури и хемонд-оргули, па во еден миг тоа стана квартет.
Два и полчасовниот концерт започна со легендарната „Успаванка за Радмилу М.“, а во изведбата на македонската традиционална песна „Елено, ќерко“ на сцената се придружи и глумецот Раде Шербеџија, кој, зборувајќи за соработката со Влатко, кажа дека „нивното искреното пријателство, кое трае цели 40 години, е најважно од сѐ“.