Најголемиот светски саем за патувања оваа година ќе се одржи во Лондон – виртуелно. Обнова, реконструкција и иновации се трите збора што можат најдобро да опишат каде е туризмот денес и што очекуваат туристичките работници во иднина, велат организаторите.
Најголемиот собир на туристички работници од сите делови на светот годинава слави 40-годишен јубилеј. Состаноците е предвидено да се одржуваат од утро до вечер. На саемот, кој се одржува од 9 до 11 ноември годинава, минатата година учествуваа 5.000 изложувачи од 182 земји со 51.000 учесници. Саемот во Лондон е исклучиво наменет за деловни состаноци, а годишно се договараат зделки во вредност од 2,8 милијарди фунти.
Оваа година во центарот на интересот ќе бидат темите како обновување на туризмот, вмрежување, размена на искуства на оние што успеале да преживеат, па дури и да заработат пари. Виртуелни состаноци, форуми и конференции ќе се одржат од 7 до 22 часот, за да се усогласат сите временски зони.
Најинтересен дел ќе биде презентирање на трендовите во туризмот, како и иновациите што ќе го обликуваат ваквиот начин на функционирање на туризмот од економски аспект во иднина.