Најголемата постројка за вшмукување јаглерод диоксид во светот започна со работа во Исланд. Се очекува да вшмукува 4.000 тони јаглерод диоксид годишно, што е еднакво на количеството јаглерод диоксид испуштено од 790 автомобили.
Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), минатата година во светот се испуштиле 31,5 милијарда тони јаглерод диоксид. Научниците сметаат дека таквата постројка е значаен придонес во ограничувањето на глобалното затоплување.
Постројката, наречена Орка, што на исландски значи енергија, е составена од осум големи контејнери што содржат филтри и вентилатори. Јаглерод диоксидот потоа се меша со вода и се складира под земја. По некое време, се претвора во цврста состојба, односно карпа. Целиот систем работи благодарение на блиската геотермална електроцентрала.
Станува збор за нова и скапа технологија, но за која се очекува дека ќе биде поевтина, а со тоа и подостапна. Податоците на ИАЕ покажуваат дека постојат 15 такви постројки низ светот што вшмукуваат 9.000 тони јаглерод диоксид годишно.
Постројката во Исланд ја изградија исландската компанија „Карбфикс“ и швајцарската стартап-компанија „Клајмворкс АГ“, пренесува „Скај њуз“.