Бран нешто повисок од 23 метри забележале научници од Нов Зеланд, за кој се верува дека е најголемиот бран регистриран на јужната хемисфера.

– Ова е навистина возбудлив настан и според нашите сознанија ова е најголемиот бран воопшто забележан во јужната хемисфера – истакна Том Дурант, океанограф од метеролошката служба на Нов Зеланд.

Метеролошката служба соопшти дека бранот со височина 23,8 метри, колку осумкатна зграда, бил измерен во близина на островот Кемпбел во јужниот Пацифик.

Со оваа височина тој го надминува бранот од 22,03 метри измерен во 2012 година јужно од австралиската држава Тасманија.

Дурант наведе дека бранот е предизвикан од нискиот притисок и ветровите со брзина од 120,38 километри на час.