Во борбата против климатските промени, на човештвото му се потребни брзи и иновативни решенија со кои ќе ѝ се стави крај на зависноста од фосилни горива. Едно такво решение е соларната фарма на швајцарските Алпи, која е и највисоката во светот. Оваа соларна фарма е дел од планот на Швајцарија за постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година, а во план се и пловечки соларни фарми низ целата земја.

Фармата се наоѓа на надморска височина од 1.800 метри и овој пловечки пилот-проект произведува 800.000 киловати енергија годишно, што е сосема доволно за повеќе од 220 домаќинства.
Следната цел е да се направи фармата 25 пати поголема од постојната и да се најдат нови локации на височини во Швајцарија, но и во странство.
– Тука имаме сѐ, сонце, вода и ветер. На поголеми височини, УВ-зрачењето е подобро, а се користи албедо-ефектот, односно одраз на сончевите зраци на мразот и снегот на земјата. Исто така, температурата е пониска, што значи поголема ефикасност. Условите на планинскиот воздух со мраз и снег овозможуваат производство на количество енергија еднаква на онаа во пустината – вели Максим Рамштајн од компанијата „Романде Енерџи“.

Поплавите ова лето беа голем проблем во Швајцарија, а многу куќи и посеви беа оштетени. Светот мора веднаш да дејствува за да го забави глобалното затоплување. Потребни се иновативни решенија за да се стави крај на зависноста од фосилни горива, пишува „Би-би-си“.