Песната „Да би можел“ ја снимив најмногу заради себе, а реакциите беа неверојатни. Добив преубави коментари и многу ми е мило што многу луѓе можат да се поврзат со неа, вели Наско Џорлев

НАСКО ЏОРЛЕВ, МУЗИЧАР И КАНТАВТОР

„Да би можел“ е насловена баладата со која Наско Џорлев Јуниор дебитира на македонската музичка сцена. Оваа топла, искрена приказна на овој млад, мултиталентиран музичар, одлично е прифатена од публиката и допре до многумина. Секако за тоа придонесе и одличниот спот, кој ни ја пренесува пораката дека и покрај сѐ љубовта, семејството, најблиските се она што ни е најважно во животот и треба да го чуваме.
Инаку Наско, кој растеше во музичкото семејство Џорлеви, првите лекции за животот и за музиката ги учеше од дедо Наско Џорлев, доајенот на македонската народна музика, чие име го носи, татко му Зоран Џорлев, врвен македонски виолинист, од тетката Софче, која отпеала многу песни со својот моќен глас и заедно со брат му Мартин и братучедите Огнен и Оле, сѐ посигурно го трасира својот професионален пат. Тој неодамна дипломира на ФМУ, на отсекот за класична гитара, а веќе ги подучува младите таленти. Досега свирел во повеќе групи, а во моментов со метал-бендот „Редјус ту ешис“ подготвува албум, а со квартетот „Струни“ настапува низ цела Македонија.

Какви се реакциите на публиката по објавувањето на спотот за вашата прва авторска песна „Да би можел“ и зошто цела година ја чувавте во фиока, што ве спречуваше да ја снимите?
– Најискрено, немав никакви очекувања и можеби ми беше малку страв да ја снимам оваа песна, се плашев другите што ќе мислат. Но го надминав тоа, и ја снимив „Да би можел“ најмногу заради себе, а реакциите беа неверојатни. Добив преубави коментари и многу ми е мило што многу луѓе можат да се поврзат со неа.

Песната, пред сѐ, е многу искрена и некако носталгична, постарите ги враќа во едно друго време. Дали токму таа ретронота им се допадна на членовите на вашето семејство? Како реагираа кога го погледнаа спотот?
– Им се допадна многу и мислам дека најмногу ги погоди фактот дека времето си минува и дека се менуваме. Затоа треба да го користиме да бидеме среќни и да го правиме тоа што го сакаме.

Која беше екипата што успеа вашите соништа да ги претвори во јаве?
– Човекот без кој немаше да успеам да ја снимам оваа песна е Иван Петровски, кој е задолжен за аранжманот, снимањето и менталната поддршка. Миксот и мастерот ги направи Горан Гешовски, а за придружните вокали е одговорна Полина Тасева со нејзиниот премоќен глас. А спотот немаше да биде ваков каков што е без Томи Акимовски, кој освен во делот за режијата помогна во уште еден куп работи околу снимањето, заедно со Марио Манески.

Повеќе од очигледно е дека без музика не ви поминува ни еден миг во денот. Дали некогаш ви доаѓа малку да се осамите и да слушате само тишина?
– Покрај тоа што се трудам да снимам сопствени песни, свирам уште во неколку групи. Една од нив е метал-бендот „Редјус ту ешис“ со кој периодов снимаме албум, и се надеваме на многу убави нешта што ги планираме. Покрај тоа, свирам и со квартетот „Струни“ со кој настапуваме на многу настани низ цела Македонија. Предавам музичко во приватното училиште „Максимилиан“ и држам приватни часови по гитара. Но сепак, и покрај толку музика, дури и додека сум сам дома цело време ја слушам, а надвор не излегувам без слушалки.

Дали веќе имате идеи за нови песни и дали стилски ќе личат на „Да би можел“?
– Имам многу идеи за нови песни, а некои ќе бидат слични, некои не, не размислувам многу околу тоа. Ќе го снимам тоа што мене ќе ми се допадне првично.

Во песната велите дека човек не треба да брза во животот, треба да ги чува оние што ги сака и да верува во себе. Да биде исполнет што и да прави. Дали и вие се однесувате така?
– Отсекогаш семејството ми било на прво место, исто и другарите. Секој момент што ми значи е со некој мој близок и тие луѓе што ги сакам и почитувам нема да ги заборавам. Истите тие луѓе ме поддржуваат за сѐ што правам, ми помагаат и тогаш сум исполнет и среќен.

На солистичкиот концерт на вашиот татко Зоран Џорлев во МОБ ве слушнеме заедно со братот Мартин, тој свиреше хармоника, вие гитара. Беше волшебно. Дали често знаете да свирите заедно?
– Знаеме да ги фатиме инструментите и да посвириме заедно, но, за жал, не толку често. Освен со мојот брат Мартин со кој меѓусебно креативно си помагаме кога можеме. А свирењето на домашните прослави нормално дека не пречи.

Кој е вашиот прв слушател и чие мислење ви е пресудно?
– Татко ми. Покрај брат ми, и уште неколку другари, неговото мислење најмногу го ценам бидејќи може да ми даде искрена критика околу сѐ што правам.

Презимето Џорлев само по себе е обврска, а особено што го носите името на вашиот дедо Наско. Дали посакувате да оставите и вие таква трага во македонската музика, како вашиот дедо и татко?
– Голем товар е да се носи такво презиме, затоа и никаде не сакам да го користам, бидејќи звучи или како оправдување за тоа што го правам или, пак, не го исполнувам тоа што многу луѓе го очекуваат. Како и да е, би бил среќен да успеам да постигнам барем мал дел во животот како што постигнале мојот татко и дедо.

Неодамна дипломиравте на ФМУ, отсек класична гитара, и веќе работите, подучувате млади таленти. Всушност, посериозно се занимавате со музика од својата 10-та година. Во изминатиот период вложивте многу, дали тој труд почна да се враќа?
– Точно така, почнав да свирам гитара на 10 години кога се запишав во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Иако свирев и тогаш посериозно почнав да се занимавам со музика во средно. Свирев и други стилови музика покрај класиката, што и денес ги практикувам, но сепак, решив да завршам факултет на отсекот за класична гитара бидејќи таму најмногу научив и оттука го воведувам знаењето во „модерните“ стилови.

Кога би можеле да се видите себеси за 10 години во иднината (а не наназад како во песната), како се замислувате, со каков музички багаж?
– Уф, не би сакал да знам ни јас, ха-ха. Без разлика колку и да оставам зад себе, тоа сигурно ќе има тежина и некакво значење. Најглавно и најбитно ми е да сум способен да продолжам да креирам музика, да сум со моите блиски и да го правам сето она што ме исполнува.