Сергеј Нетесов, микробиолог

Американската компанија, која работеше на развој на вакцината за МЕРС, започна клиничко испитување на вакцината за новиот коронавирус, но сличностите меѓу двата случаја не значат дека процесот ќе биде лесен, тврди микробиологот Сергеј Нетесов.
Американската компанија „Модерна“ ја разви потенцијалната вакцина за новиот коронавирус, која се заснова на претходната работа на МЕРС, болест што потекнува од Саудиска Арабија, од 2012 година, и се верува дека се пренела од животните, поточно од камилите, на луѓето.

Според Нетесов, кој е раководител на лабораторијата за микробиологија и вирологија на Државниот универзитет во Новосибирск, првите тестови на „Модерна“ се фокусираат на процена на несаканите ефекти и утврдување дали новата вакцина е безбедна за луѓето, не дали е ефикасна против вирусот ковид-19.
– Ваквите тестови обично се спроведуваат на неколку десетици волонтери, кои обично се млади луѓе со одлично здравје. Доколку се докаже дека вакцината е безбедна и стимулира ефективен имунолошки одговор, компанијата ќе може да премине во следната фаза на тестирање – вели Нетесов.

Укажувајќи на претходната работа на „Модерна“ за САРС, како и на општото знаење стекнато низ истражување, Нетесов смета дека компанијата навистина може да ја развие вакцината за коронавирусот побрзо од другите компании.
Според него, најважно е вакцината, долгорочно гледано, да нема одложени негативни ефекти.