Основачот на „Амазон“, милијардерот Џеф Безос, не ја започна својата компанија во гаража во Сиетл, како многумина други успешни милијардери кои својот бизнис го почнале на тој начин. Неговиот бизнис започнал многу порано, во детството, во малиот град Котула во Тексас. Безос лете живеел и работел на ранчот на неговиот дедо уште од најрана возраст, па се до неговата 16-та година, пренесува Си-ен-би-си.

На самит во Лос Анџелес, на кој Џеф учествуваше заедно со неговиот брат Марк Безос во 2017 година, милијардерот го опиша нивниот дедо како многу самоуверен и искусен човек, две вредности за кои Безос вели дека влијаеле и придонеле многу во формирањето и успехот на неговата компанија „Амазон“.

– Нашиот дедо беше многу самостоен. Доколку се наоѓате во рурална област отсечени од светот, не ѕвоните по телефон за да побарате мајстор кога нешто тргнува наопаку или ќе се расипе. Едноставно, го поправате самите вие – објаснил Безос.

На ранчот, тој му помагал на деда си во работата и одржувањето, при поправка на оградите и ветерниците, како и при изградба на куќата.

– Тој ќе започнеше некој голем проект без да знае како да го изведе, и ќе најдеше начин да научи и да успее во тоа. Кога нешто не успеваше, се повлекуваше за кратко и наоѓаше друг пристап. Со секое повлекување и повторен обид, употребувате нови пристапи и вештини – се сеќава Безос кој моментно е најбогат човек на светот со богатство чија вредност се проценува на 159 милијарди долари.

За време на самитот, Безос даде неколку примери за тоа како самостојноста и самоувереноста помогнале за успехот на „Амазон“.

– Почетокот на „Амазон“ беше неуспешен, но после неколку обиди и грешки стигнавме до неверојатниот успех на „Амазон“ на пазарот. Снаодливоста, пробувањето на нови работи и пристапи доведе до тоа да знаеме што сакаат купувачите. Дури и во секојдневниот живот, тоа се исплаќа – вели Безос.