Ова откритие, објавено во реномираното научно списание „Нејч имунолоџи“, досега не е тестирано на заболени пациенти, но истражувачите велат дека „има огромен потенцијал“. И покрај фактот дека нивната работа е во рана фаза, тие велат дека е возбудливо откритие

Тим врвни научници тврдат дека се на прагот на револуционерно откритие. Тие велат дека се чекор поблиску до универзален лек за сите видови рак.
– Новооткриениот дел од нашиот имунолошки систем би можел да се искористи за лекување на сите видови карцином – велат научниците.
Според „Би-би-си“, тим научници од Универзитетот во Кардиф откриле метод со кој во лабораториски услови се уништуваат малигните клетки на простата, гради, бели дробови и други видови рак.

Ова откритие, објавено во реномираното научно списание „Нејч имунолоџи“, досега не е тестирано на заболени пациенти, но истражувачите велат дека „има огромен потенцијал“. И покрај фактот дека нивната работа е во рана фаза, тие велат дека е возбудливо откритие.
Имунолошкиот систем е природна одбрана на нашето тело од инфекции, кои исто така ги напаѓаат клетките на ракот. Научниците барале „неконвенционални“ и досега неоткриени начини на кои имунолошкиот систем може природно да ги напаѓа туморите. Тие пронашле Т-клетки (Т-лимфоцити) во нашата крв. Тоа се имунолошки клетки што може да го скенираат телото и да проценат каде постои закана за нашето здравје што треба да се отстрани. Тие би можеле да се користат за да се „нападнат“ разни видови тумори.

– Постои шанса на овој начин да ги лекуваме сите пациенти со карцином. Досега никој не веруваше дека е можно да се открие сеопфатна терапија во која еден вид Т-клетка ќе може да уништи повеќе видови карцином – изјави професорот Ендру Сивел за „Би-би-си“.

Т-клетките имаат „рецептори“ на својата површина што им овозможуваат да „гледаат“ на хемиско ниво. Тимот од Кардиф открил еден вид Т-клетка и нејзиниот рецептор, кој во лабораторијата има способност да пронајде и да убие широк спектар клетки на ракот, вклучувајќи гo и оној на белите дробови, кожата, дебелото црево, простатата, јајниците, бубрезите и матката. Она што е клучно за време на овој процес е дека тој ги остава здравите ткива недопрени. Но сè уште се истражува колку точно функционира.

Веќе постои третман за лекување рак со Т-клетки и развојот на имунотерапија на туморот е еден од најзначајните придонеси во борбата против овие смртоносни болести. Најпознатиот пример е CAR-T – персонализирана терапија базирана на генетска модификација на имунолошките клетки на пациентите што може да ги препознаат и нападнат клетките на туморот. Во некои случаи таквиот третман остварил зачудувачки резултати – пациентите што биле на работ на смртта се доведени до целосна ремисија.

Но оваа терапија е многу специфична и функционира само за одредени видови рак, каде што има јасна цел и пат за Т-клетките да достигнат до заболените клетки.
Научниците вклучени во ова истражување тврдат дека нивната Т-клетка може да доведе до „универзален“ лек за рак.