Научници веруваат дека го откриле генот што им помага на слабите луѓе да останат слаби, потенцијално отворајќи нова граница во третманите за решавање на проблемите со дебелината, се наведува во научното списание „Сел“.
Меѓународен тим на научници идентификува генетска варијанта единствена за слабите луѓе, позната како АЛК-ген. Овој ген создава протеин наречен анапластична лимфомска киназа, кој е вклучен во растот на клетките.

Истражувачите испитувале примероци на ДНК и клинички податоци од повеќе од 47.000 здрави луѓе во Естонија, на возраст меѓу 20 и 44 години. Тие ги погледнале генетските карти на луѓе со индекс на телесна маса под 18 и ги споредувале со оние со нормална тежина и откриле генетска варијанта што е во корелација со слабоста.
Ова откритие укажува на тоа дека различните мутации на гени може да играат важна улога во слабеењето и отпорноста на зголемување на телесната тежина.

За да го тестираат сознанието, научниците спровеле експерименти врз муви и глувци и откриле дека бришењето на овој ген ја намалува нивната телесна тежина. Тие им давале на глувците брза храна. Нормалните глувци станале пополни, а оние без АЛК останале слаби.
Меѓутоа, сега е познато дека мутираната форма на генот АЛК и протеинот исто така може да предизвика и развој на тумор, се наведува во истражувањето.