Научниците направија чекор напред во дешифрирањето на она што го кажува човекот само со гледање на неговите мозочни бранови додека зборува. Тие успеаја да ги оспособат алгоритмите за пренесување обрасци од мозокот во реално време, и тоа со стапка на грешност под три проценти.

Претходно, овие таканаречени машини за мозок имаа ограничен успех во декодирањето на невронската активност. Меѓутоа, истражувањето објавено во списанието „Нејчр неуросајенс“ покажува различна слика, пренесува „Би-би-си“.
Порано, научниците беа во можност да декодираат фрагменти од изговорените зборови или мал процент зборови содржани во одредени фрази. Затоа, експертот за машинско учење Џозеф Макин од Универзитетот во Калифорнија и неговите колеги се обидоа да ја подобрат точноста за декодирање.

Четворица доброволци на глас читале реченици додека со електроди се следела нивната мозочна активност. Притоа брановите што ги испраќал нивниот мозок се внесувале во компјутерски систем, кој создавал претстава за карактеристиките што редовно се појавуваат во тие податоци. Овие обрасци се поврзани со повторливи карактеристики на говорот, како што се самогласки, согласки или со конкретна поставеност на устата. Вториот дел од системот го дешифрирал овој приказ збор по збор, за на тој начин да состави реченици.

Авторите слободно признаваат и дека истражувањето има недостатоци. На пример, говорот што тие го дешифрирале бил ограничен на 30-50 реченици. Истражувачите додаваат дека машинската врска идентификува поединечни зборови, а не само реченици.