Ново истражување на „Беркли Лаб“, националната лабораторија на САД, сугерира оти научниците се на работ на наоѓање ново решение за производство на пластика, која од самиот почеток ќе може целосно да се рециклира, пренесува „Њујорк пост“.

Истражувачите развиле нов пластичен материјал наречен поли (дикетоенамин) или ПДК. На овој начин, адитивите не се трајно врзани за пластиката и можат да бидат целосно отстранети, давајќи и на пластиката „нов живот“.

– Повеќето пластични предмети не се создадени за да бидат рециклирани, но ние најдовме нов начин на градење на пластиката која ќе биде пригодна за рециклирање на молекуларно ниво уште од самиот почеток на нејзиното создавање – објаснува Петер Кристенсен, авторот на трудот.

Еден од најголемите проблеми на рециклираната пластика е тоа што таа не е потоа повторно употреблива. Една третина од рециклираните производи е искористлива по процесот на рециклирање, а другиот дел се фрла во отпадот за да биде спален.

Најголема тешкотија за истражувачкиот тим било наоѓањето начин да ги разделат полимерите од различни адитиви кои често се употребуваат да дадат специфични квалитети на крајниот производ. Овие хемикалии често остануваат поврзани за пластиката и покрај обработката, лимитирајќи го износот на материјал кој може да биде рециклиран и повторно употребен.

– Ќе направиме дополнителни тестови за да го докажеме потенцијалот на новиот пластичен материјал. Доколку сѐ оди според планот, тоа би било почеток на новата пластична револуција – вели Кристенсен.