Во областите каде што природните непогоди се честа појава, луѓето веќе знаат што ги чека кога се случуваат поплави или урагани, а тоа е недостигот од електрична енергија. Но што ако, во такви моменти, тие би можеле да достигнат до енергијата што се складира на необично, но сепак толку вообичаено место?
Научниците од Универзитетот во Вашингтон развија нова технологија што може да претвори обична црвена тула во батериска ќелија. Според научниот труд во списанието „Нејч комјуникејшнс“, црвените тули би можеле да послужат како складиште на електрична енергија и удобен извор во случај на катастрофа. Имено, тулите со векови се познати по нивната способност да складираат топлина, а научниците сакале да тестираат дали се исто така способни да складираат и електрична енергија.

Тие зеле обични полни црвени тулу, оние што со години се користат за изградба на куќи, и ги премачкале со специјален премаз на полимер наречен ПЕДОТ, кој се состои од наночестички што влегуваат во порозната структура на тулата. На тој начин премазот ја претвора тулата во еден вид сунѓер што апсорбира и складира електрична енергија. Таквиот премаз може да се примени на нови тули, рециклирани тули, но и тули што би биле направени токму за таа намена и така би се претвориле во суперкондензатори.
Тестовите што ги спровеле покажале дека е можно да се обезбеди напојување со електрична енергија на помошните светла во текот на пет часа со користење 50 тули со ПЕДОТ-облога.

Нивната идеја е таквите тули да се поврзат со системите за соларна енергија за да се обезбеди „пополнување“ на тулите. Тие веруваат дека, благодарение на нивниот состав, тулите би можеле да бидат подолготрајни суперкондензатори од класичните батерии, не заземаат дополнителен простор во зградата и полесно би преживеале природни непогоди од другите материјали.