Вирусите ги напаѓаат клетките и ги претвораат во свои фабрики. Но не постојат само лоши вируси. Најопасни се оние што ги напаѓаат имуните клетки. Повеќето од луѓето не знаат за важноста и силата на вирусите. Опасни се, ни предизвикуваат тешкотии и болести, но како влијаат тие навистина врз нашето тело? Тие се најмалите биоорганизми што имаат способност за размножување. Најмалку сто пати се помали од бактериите, составени се од ситни генетски нишки со тенка протеинска обвивка. Не се способни да живеат самостојно и научниците спорат за тоа дали воопшто може да се наречат живи организми. Имаат ДНК и протеини, исто како и живите организми. Лесно го модифицираат својот генетски код и се приспособуваат на околината, копирајќи го без да трошат никаква енергија. Имаат обвивка, но не и мембрана, па затоа не се клетки.

Најпростите живи организми имаат меѓу 150 и 300 гени за производство на виталните протеини, кои се клучни за клеточниот метаболизам. За разлика од нив, вирусите се задоволуваат само со 4 гени, напаѓајќи ги здравите клетки и претворајќи ги во сопствени фабрики. Вирусите се појавуваат во различни форми, може да бидат тркалезни или спирални, но ги има и во посложени облици. Исклучително се моќни и ги злоупотребуваат генетските кодови на нападнатите клетки, кои, пак, престануваат да произведуваат сопствени протеини и почнуваат да произведуваат вирусни. За да можат да се размножуваат, тие мора да навлезат во внатрешноста на клетката, а тоа го прават така што се прилепуваат на нејзиниот надворешен ѕид. Нивните протеини се слејуваат со оние на клетката и се спојуваат со нејзината мембрана, отворајќи си слободен пат кон нејзината внатрешност. Кога вирусниот генетски код е веќе всидрен во генетскиот код на клетката домаќин, при секоја нова делба на клетката се дели и проширува и вирусниот генетски материјал. На овој начин, вирусите можат долго време да мируваат во клетките и подоцна да се активираат.

Вирусите нѐ разболуваат затоа што им попречуваат на здравите клетки да ја вршат својата работа. Колкава ќе биде штетата од нивното присуство зависи од видот на нападнатата клетка и вирусното влијание врз производството на здрави протеини. Секако, најопасни се оние вируси, кои напаѓаат имуни клетки, слабеејќи го притоа одбранбениот систем на организмот. Вирусите на ХИВ и ебола се едни од најопасните, а во оваа група ненајавено може да влезе и најновиот коронавирус.

Сепак, не се сите вируси лоши и опасни по човековото здравје. Студиите за нашите геноми покажаа дека вирусите претставуваат дури 8 отсто од геномот и дека тие биле негов составен дел милиони години. Само доколку се отстранат патолошките состојки на вирусите, може повторно да се внесат здрави гени во оштетените клетки. За да се постигне тоа, најпрвин треба да се онеспособи делот од вирусниот геном, кој произведува свои сопствени копии, а потоа тој да се дополни со други, нови и здрави гени.

Така променетиот вирусен геном, кога повторно ќе нападне и инфицира клетка, нема со себе да носи опасност од патолошки генетски материјал. Генетската технологија е сѐ поуспешна во борбата со вирусите и штетата, која тие можат да му ја нанесат на човештвото во целина, иако сѐ уште се соочува со дилеми и проблеми поврзани со ефикасното вметнување нови генетски кодови во човековите клетки, затоа што тешко е тешко да се контролира во кој дел од клетката може да се складираат овие кодови. Се разбира, успешноста на лекувањето зависи токму од справувањето со овие предизвици.