Најновите истражувања покажуваат дека преку крвна слика ќе можат да се детектираат знаци на оштетување на мозокот кои подоцна ќе може да се искористат за да се предвиди можно појавување на Алцхајмерова болест, дури една декада пред да се јават симпомите, пренесува британски „Индепендент“. Преку овој тест на крвната слика исто така може да се спознаваат и други оштетувања на мозокот, како мултипла склероза, можен мозочен удар или симптоми на силни повреди на главата.

Истражувањето на кое се повикува „Индепендент“ покажало дека кај 247 луѓе со генетски мутации кои е познато дека предизвикуваат рано појавување на Алцхајмерова болест, откриени се поголеми вредности на одреден протеин чии вредности се покачуваат со тек на време. Од друга страна, вредностите на истиот протеин се ниски и остануваат непроменети кај 162 роднини на истите луѓе кои наследиле здрави гени.

Иако во моментов не постои лек за Алцхајмеровата болест, овие истражувања може суштински да им помогнат на лекарите да антиципираат кога пациентите би покажале симптоми на оваа тешка болест.

Лекарот Брајан Гордон од Медицинскиот факултет во Вашингтон, САД изјави дека тестирањата за покачувањата на одредените протеини можат многу лесно да се инкорпорираат при невролошките тестирања.

– Резултатите од истражувањето ги потврдивме кај луѓе кои имаат Алцхајмер бидејќи знаеме дека во нивниот мозок има многу невродегенерација, но овој маркер не е само за оваа болест. Зголемените вредности на протеините можат да бидат знаци и за други невролошки болести и повреди – вели Гордон.
 
Пред тестот на крвната слика да започне да се користи во практика, истражувачите треба да одредат колкаво ќе биде количеството на протеин во крвта кое може да се смета за абнормално и за колку време би се покачило до тој степен што ќе предизвика нарушување на здравјето.

– Сметам дека за неколку години овој тест ќе може да се користи за да се идентификуваат знаци на мозочни оштетувања кај пациентите. Истражувањата сè уште не се до таа фаза за точно да можеме да одредиме дали некој пациент за десет години ќе има некоја ваква невролошка болест или не, но работиме во таа насока – смета Гордон.