Вкупното количество на подземни води на планетата Земја се проценува на 23 милиони просторни километри, се вели во извештајот на канадски научници.
Во извештајот објавен во списанието „Нејчр геосајенс“ се наведува дека само шест проценти од овие подземни води се погодни за употреба – тоа се таканаречени „модерни“ подземни води, кои не се далеку од површината и може да се испумпуваат.
– Станува збор за подземни води што најбрзо се обновуваат, во период од една човечка генерација. Сепак, овие современи подземни води се најчувствителни на климатските промени и загадувањето на луѓето. Тоа е клучен ресурс што треба подобро да го зачуваме – вели водачот на тимот Том Глисон од универзитетот „Викторија“.

Вкупното количество подземни води може полесно да се визуализира ако се замисли дека целата копнена површина на планетата е покриена со слој од вода дебел околу 180 метри, пренесува „Би-би-си“.
Тимот на Глисон комбинирал голем број податоци од целиот свет за нивна процена. Меѓутоа, нивото на „старите“ подземни води варира во различни региони и тие не се погодни за употреба.

– На некои места тие се многу длабоко под површината, а на некои не се. На многу места тие се со многу слаб квалитет. Тие може да бидат уште посолени од водата во океаните и може да содржат стопени метали и разни хемикалии, па затоа треба да се обработуваат пред да се употребат за пиење или во земјоделството – истакнува Глисон.