Група научници откриле антички вируси замрзнати во два примерока мраз земени од Тибетската Висорамнина во Кина, а повеќето од нив не се слични на ништо досега. Наодите, објавени во списанието „Микробиом“, произлегоа од примероци од ледени јадра земени во 2015 година, за кои научниците рекоа дека започнале да се замрзнуваат пред најмалку 14.400 години.
– Овие глечери се формирале постепено, а заедно со прашината и гасовите, многу, многу вируси исто така се наталожиле во тој мраз – рече Џи-Пинг Жонг, главен автор и истражувач во центарот за истражување „Бирд полар“ на Универзитетот во Охајо.
Кога истражувачите го анализирале мразот, откриле генетски кодови на 33 вируси. Од сите нив, генетскиот код на четири вируси покажал дека тие се дел од семејство на вируси што обично инфицираат бактерии. Другите вируси биле нови, што значи дека никогаш порано не биле идентификувани. Научниците истакнаа дека не веруваат оти вирусите потекнуваат од животни или луѓе, туку од почва или растенија. Тие исто така рекоа дека околу половина од нив преживеале поради мразот.
– Ова се вируси што ќе напредуваат во екстремни услови. Тие имаат генетски потписи што им помагаат да заразат клетки во студена средина – вели Метју Саливан, коавтор на студијата.
Саливан објасни дека технологијата што се користи за проучување на микробите и вирусите во мразот ќе доведе до потрага по слични генетски низи во други екстремно ледени средини, веројатно на Марс.