Влијанието на човекот е главна причина за невообичаеното топло време во регионите на Сибир. До ваков заклучок дошла Меѓународната група научници од Русија, Холандија, Германија, Франција и од други земји.
Истражувачите анализирале осцилации на просечната температура во Сибир од јануари до јуни 2020 година, како и рекордот во Верхојанск, каде што на 20 јуни температурата на воздухот достигнала највисоки нивоа во историјата на систематското набљудување на времето и климата во регионот на Арктикот, според истражувањето објавено на интернет-страницата за следење на климатските промени.

– И во двата случаја утврдивме дека ваквите настани би биле практично невозможни без климатските промени предизвикани од човечките активности – се истакнува во извештајот.
Научниците откриле дека климатските промени во регионот придонесуваат за долготрајни бранови на абнормална топлина. Употребата на различни модели за предвидување и резултатите од претходните набљудувања покажале дека просечната температура во овој регион требало да биде за два степена пониска доколку топлотниот бран пристигнал во 1900 година.

Во Сибир, во 2050 година просечната температура ќе биде повисока за 2,5 степени отколку во 1900 година, но исто така би можело да се случи да биде и за седум степени повисока, што ќе доведе до поинтензивно топење на пермафростот.