Американски и бразилски научници направиле токсичен протеин од отровот на азиска оса што убива бактерии отпорни на познатите антибиотици и со генетска модификација го прави безбеден за луѓето. Биолозите од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Пенсилванија откриле дека клучната состојка во отровот на азиската оса „веспула левиси“, пептидот мастопаран-Л или маст-Л, ја уништува бактериската мембрана, истовремено убивајќи опасни патогени микроорганизми.
Овој протеин, кој е генерално безопасен за луѓето во мали дози, сепак е доста токсичен. Ги уништува еритроцитите и предизвикува алергиска реакција, која кај чувствителни лица може да предизвика анафилактичен шок, па дури и смрт. Тоа настанува како резултат на ненадеен пад на крвниот притисок и прекин на дишењето.
Целта на научниците е да ги подобрат антибактериските својства на мастопаран-Л и да го направат безбеден за луѓето.

Со дигитална обработка на базата на податоци за познати антимикробни пептиди, тие пронашле т.н. пентапептиден мотив поврзан со силна антибактериска активност. Потоа, го замениле едниот крај на маст-Л, кој се смета за главен извор на токсичност за човечките клетки и добиле модифицирана верзија на маст-МО протеин.
– Потребни се повеќе нови антибиотици за лекување на сè поголем број инфекции отпорни на лекови. Отровите се неискористен извор за потенцијални лекови. Пристапите што ги користевме во оваа студија може да се применат за да се проучат антимикробните и имуномодуларните својства на пептидните молекули и да се создадат нови третмани – вели Цезар де ла Фуенте, доцент по психијатрија, микробиологија и биоинженеринг, во соопштението за печатот од Универзитетот во Пенсилванија.