Тим меѓународни научници што работат на пронаоѓање начини за што побрзо спасување на редок вид од северниот бел носорог рекоа дека постигнале напредок со производство на уште три ембриони.
Конзорциумот „Биорескју“, предводен од професорот Томас Хилдебрант од институтот за истражување на зоолошките градини и дивиот свет „Лајбниц“ во Германија, рече дека неодамна се произведени уште три ембриони од подвидот на носорогот, со што вкупниот број на живи ембриони се искачил на 12.
Научниците зеле јајца од една од двете преостанати женки од северниот бел носорог во паркот за диви животни во Кенија. За оплодување биле користени замрзнати сперматозоиди од двајца мртви мажјаци, а сѐ било направено во италијанска лабораторија.
Два од трите нови ембриони се произведени со користење на семето на северниот бел носорог Суни, чиј генетски код послужил за сите постојни ембриони. Меѓутоа, третиот ембрион бил произведен откако првпат било користено семето на Ангалифу, носорог што живеел во Сафари-паркот во Сан Диего, а починал во 2014 година.
Сегашниот план е да се создаваат повеќе ембриони на секои три-четири месеци, а тие наскоро ќе бидат всадени во мајката сурогат, женка од јужниот бел носорог, за да се спречи изумирање на северната верзија на белиот носорог. Ова е потфат што почна во 2019 година.