Во првата половина на месецов ќе почне со емитување новата емисија на телевизијата Канал 5, која ќе го носи името „Голден карпет“. Акцентот на овој телевизиски формат ќе биде ставен на домашната, но и на балканската и светската музичка сцена.
Освен најпознатите музички имиња, ќе гостуваат и најпопуларните политичари, спортисти и актери, кои дефинитивно ќе ги запознаеме од еден друг агол од нивниот живот.
Водителски тандем на овој проект ќе бидат Миро Кацаров и Ведрана Ѓорѓевиќ, добро познати телевизиски имиња, кои по долги години работа на други проекти, конечно, ќе го здружат силите и ќе бидат домаќини во „Голден карпет“.
– На домашната телевизиска сцена недостига забавна програма од ваков тип. Во моментов, за жал, живееме во еден хаос, пандемијата на коронавирус си го зема својот данок, сѐ е на стендбај, па, така, и социјализацијата и позитивната енергија. Ние преку овој проект ќе се потрудиме да ја вратиме ведрината во домовите, затоа што многу ни е потребна на сите. Сигурен сум дека „Голден карпет“ и телевизијата Канал 5 ќе го разбијат ова сивило што се случува. Ветуваме дека ќе имаме само теми од забавен карактер и тврдам дека тие ќе го задржат внимание на телевизиските гледачи – вели Миро, кој повеќе од седум години беше дел од тимот на „Бекстејџ“.

Ведрана Ѓорѓевиќ, пак, која јавноста ја запозна преку форматот „Тротоар“, по подолга медиумска илегала, повторно се враќа пред ТВ-екраните.
– Со Миро создаваме одлична приказна, а целта ни е да внесеме малку сонце во ова сивило и да излеземе од секојдневното заточеништво. Кога тој ми се јави со предлог да соработуваме, знаев дека е вистинско време да се вратам на ТВ-екраните по пет години пауза. Сите коцки се поклопија и очекувајте само позитива, ништо помалку од нас, и секако многу интересни содржини. Животот е прекрасен, па зошто да не го живееме така – ни рече Ведрана.
Наскоро ќе бидат објавени и официјалните термини на „Голден карпет“, а она што го ветува тимот пред самиот почеток на испишувањето на оваа нова приказна е одлична забава и позитивни вибрации.